Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, денеска ја обвини Социјалдемократската партија на Германија (СПД), на канцеларот Олаф Шолц, дека ја намалува својата поддршка за Украина само две недели пред клучните избори на ниво на покраини, јавува ДПА.

Бербок, која е член на „Зелените“ и цврст поддржувач на Украина во војната со Русија, го изнесе ова тврдење на партиски состанок во главниот град на покраината Бранденбург, Потсдам, во источна Германија.

Во пресрет на изборите во Бранденбург на 22 септември, Бербок изјави дека очекувала премиерот на покраината, Дитмар Војдке, да продолжи со поддршката за Украина, но била загрижена откако регионалната структура на СПД се двоумела за доставувањето на оружје за Украина во предизборните пораки.

Во документот на СПД, партијата дала „неутрален“ одговор на изјавата дека „Бранденбург треба да работи за да осигура дека Германија ќе продолжи да испорачува оружје за Украина“.

Бербок истакна дека е загрижена како Шолц, кој е нејзин сограѓанин од Потсдам, ќе гласа на претстојните избори.

„За кого всушност треба да гласа Шолц во Бранденбург на 22 септември?“, праша таа.

Доколку Војдке и неговата партија не го променат својот став, Шолц ќе мора да гласа за „Зелените“, се пошегува министерката.

Од февруари 2022 година, Украина успешно одбива руска инвазија со поддршка од западните земји, вклучувајќи ја Германија и најмногу САД.