Мерки за инфлацијата може да нема, а може и утре да има, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши по работниот состанок со раководството на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).
Одговорајќи на новинарски прашања, Бектеши истакна дека тоа ќе зависи од анализите кои се добиваат на дневна основа, и од Државниот пазарен инспекторат и од Секторот за трговија на Министерството за економија.
Според него, во делот на трговијата, освен замрзнување на цените, има и други механизми кои може да се воведат, како утврдување маржи за одреден производ, селективно, ако има проблеми во одредена индустрија, но, сепак, и тоа треба да произлезе од соодветна анализа во која се вклучени сите институции.
Бектеши додаде и ако е потребно, дека може да се воведат времени мерки, а лично тој, потсети, кога се случуваат неосновани, неконтролирани зголемувања на цените, е за ригорозни мерки како забрана за вршење дејност.
Компаниите, пак, се против замрзнување на цените. Порачуваат дека државата може да воведе и други мерки, како што е намалувањето на даноците.
Во овој контекст, и бизнисот и министерот Бектеши од прес-конференцијата во СКСЗМ упатија критики за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Како што предочи Бектеши, Комисијата од почетокот на КОВИД – кризата до денес не излегла со ниту една претставка, ниту презела конкретна мерка за нечие неетичко однесување, за нефер трговска практика или здружување на одредени компании и концентрација на моќ на одредена фирма.
-Треба да имаме конкретни анализи каде се случува поскапувањето – дали во ланецот на трговијата или има нови цени формирани од страна на производителите. Во делот на одредени производи ние сме повеќе зависно од увоз и таму не можеме да имаме никакво влијание. За домашните производи секако дека имаме механимзи и такви механизми веќе имплементираме. Производствените компании во земјава добиваат милионски суми како директна финансиска поддршка од Владата годишно за секоја инвестиција и да се книжат и тие грантови што ги добиваат во формирање на производните цени за мене е неприфатливо, рече Бектеши во врска со поскапувањето на одредени прехранбени производи.
Министерството за економија, подвлече Бектеши, веќе почна процес за зајакнување на можностите што би ги имала Комисијата за заштита на конкуренцијата. За оваа недела најави состанок со Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на кој, како што рече, ДПИ ќе ги добие насоките за постапување согласно Законот за заштита на потрошувачите.
-Ако е потребно, секако дека можеме да носиме времени мерки, но мојот личен став и на Министерството за економија го знаете кога се случуваат вакви неконтролирани зголемувања кои не се основани. Ако има здружение на одредени сектори, јас сум за да се оди и на Законот за заштита на потрошувачите каде што се предвидени поригорозни мерки од прекршочните кои се хармонизирани со Законот за прекршоци, а таму знаете кои се ригорозните мерки. Таму има и забрана за вршење на дејност, потсети министерот.
На работниот состанок станало збор и за законот за данок на слодираност, како и за измените на Законот за индустриски зони.