Властите во Бангладеш денеска го продолжија полицискиот час ширум земјата, бидејќи се очекува Врховниот суд на земјата да донесе одлука за квоти за ангажирање државни службеници кои предизвикаа неколкудневни протести во кои загинаа најмалку 114 лица, јавија светските агенции.
Воениот персонал продолжува да патролира по улиците на главниот град Дака, центарот на демонстрациите кои прераснаа во судири меѓу демонстрантите и органите на редот. Пристапот до интернет во земјава е прекинат од четвртокот, а нема можност за размена на СМС пораки.
Полицискиот час беше воведен доцна во петокот, а денеска беше продолжен до крајот на седницата на Врховниот суд во 15 часот по локално време, по што најверојатно ќе биде повторно продолжен „на неодредено“ по пауза од два часа, време во кое ќе им биде дозволено на луѓето да пазарат, објавија локалните медиуми. Од средата затворени се и универзитетите и колеџите.
Премиерот на земјата, шеикот Хасина Вазед, ги прогласи денеска и утре за неработни денови, а ќе работат само итните служби.
Националните протести избија откако студентите во земјата се побунија против квотите за работни места во јавниот сектор, кои предвидуваат 30 отсто од позициите да бидат резервирани за семејствата на луѓето кои се бореле во војната за независност од Пакистан во 1971 година.