Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека се согласил со „предложената формулација за можноста Украина во иднина да се приклучи на НАТО“.
Изјавата на Бајден пред почетокот на самитот на НАТО дојде кусо откако украинскиот претседател Володимир Зеленски издаде изјава за „очекуваната формулација“, сугерирајќи дека не оди доволно далеку кон неговите цели за пристапување.
Војната на Русија во Украина е меѓу главните точки на агендата на лидерите на НАТО, заедно со дискусијата за идниот пат за приклучување на земјата разурната од војна во Алијансата, што предизвика одредена поделеност меѓу лидерите.
– Се согласуваме со формулацијата што ја предложивме – а вие во однос на иднината на Украина предложивте да може да се приклучи на НАТО, рече Бајден во кусата изјава заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пред самитот.
Зеленски претходно на Твитер напиша дека „примил сигнали оти одредени формулации се дискутираат без Украина“, нагласувајќи дека „формулирањето е за поканата да стане членка на НАТО, а не за членството на Украина“.
Бајден исто така истакна дека според него е многу важно што „во овој критичен момент Столтенберг продолжува да го води НАТО“.
– Вие сте човекот од доверба, никој не ја знае подобро ситуацијата од вас, му рече Бајден на шефот на НАТО.