Во Будимпешта се случи голем напредок во однос на Шенген откако Австрија се согласи да го повлече ветото за влез на Бугарија и Романија во зоната. Веста беше објавена од унгарското претседателство со Советот на ЕУ, кое беше домаќин на средбата на министрите за внатрешни работи на Романија, Бугарија и Австрија, соопшти Евроњуз, пренесува БГНЕС.
Тројцата министри потпишаа заеднички споразум кој што го отвора патот кон полноправно членство во Шенген зоната .
Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен изјави дека Бугарија и Романија целосно припаѓаат кон Шенген и ги поздрави позитивните резултати од неформалните дебати што се одржаа денеска во Будимпешта.
За да стане реалност договорот од Будимпешта треба да биде одобрен едногласно од државите членки на Шенген зоната. Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон објави дека гласањето ќе се одржи на 12 и 13 декември и изрази надеж дека од 1 јануари проверките по границите ќе бидат целосно прекинати.
,, Ова е голем момент, многу сум среќна денеска”, изјави Јохансон.
Според потпишаниот денеска документ ќе биде воведена привремена гранична контрола меѓу Унгарија и Романија и меѓу Романија и Бугарија во рок од најмалку 6 месеци , за да се избегне секоја сериозна закана за јавниот ред и внатрешната безбедност.
Извор: Трибуна
Австрија го повлече ветото и го отвори патот кон Шенген зоната за Бугарија и Романија од 2025 г.