Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во контекст на денешното глобално одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите, кој годинава е посветен на длабокото влијание на вештачката интелигенција врз новинарството и медиумите, во денешното соопштение потсетува дека само професионални и независни медиуми можат да придонесат за одржлив општествен и демократски развој во ерата на брзи технолошки промени.

-Слобода на медиумите значи право на новинарите да истражуваат и информираат без какви било притисоци. Но со развојот на вештачката интелигенција оваа слобода добива ново значење и се соочува со нови предизвици, велат од АВМУ.

Вештачката интелигенција, како што посочуваат во соопштението, отвора нови можности за унапредување на истражувачкото новинарство, автоматизација на создавањето содржини и забрзана проверка на факти, но носи и значајни ризици во поглед на генерирање дезинформации, лажни вести и манипулативни видеа.

-Вештачката интелигенција претставува вреден ресурс во новинарската практика, но таа не смее да биде целосна замена за темелната проверка, критичкото размислување и објективноста. Во оваа нова реалност, од суштинско значење е медиумите внимателно и одговорно да ги користат овие алатки, придржувајќи се до највисоките етички и професионални стандарди во своето работење, се наведува во соопштението од АВМУ.