Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска извршила увид на завршената реконструкција на дел од булеварот „АСНОМ“ во Ново Лисиче, проект со кој целосно се реконструира коловозот со вкупна површина од 9750 м2 и должина од 1.100 метри, со рабници и тротоари, а извршено е и нивелирање на шахти и сливници.
– Станува збор за целосна реконструкција на булеварот „АСНОМ“ од крстосницата со булевар Србија до пристапната улица на Куќата на Фудбалот, со што се овозможува зголемена сигурност и безбедност на учесниците во сообраќајот. Реконструкцијата на оваа важна сообраќајница е исполнување на уште едно барање на граѓаните и реализација на проектот ветен во програмата „За модерно Скопје“, соопштија денеска од Град Скопје.
Со овој проект е извршено и целосно уредување на зелените површини покрај булеварот со вкупна површина од 27.000 квадратни метри. Како што се наведува во соопштението, на новата зелена површина поставено е соодветно партерно уредување, садници, летниковци и нова хидрантска мрежа за наводнување на тревниците. Со уредувањето на зеленилото на оваа локација, велат од Град Скопје, се подобрува квалитетот на живот на граѓаните, животната средина и се зголемуваат парковските површини во градот.