Со 12 отсто целосна доверба кај испитаниците, плус 26 отсто со делумна доверба, претседателот Стево Пендаровски е политичарот кому граѓаните најмногу му веруваат во моментов, вели најновата анкета на Интернационалниот републикански институт (ИРИ), пренесува порталот СДК.мк

На второ место во оваа категорија е избеганиот експремиер Никола Груевски, со 11 отсто целосна доверба, плус 19 отсто делумна доверба.

Загрижувачка е состојбата и довербата во судството и обвинителството. Тие во целосната доверба, одат кон нулата. Судството и обвинителството имаат целосна доверба само кај 1 отсто. Делумна доверба судството има кај 18 проценти, а обвинителството кај 17 отсто.

Граѓаните во медиумите имаат 7 отсто целосна и 41 отсто делумна доверба и тие од институции (области), се веднаш зад банките, кои се на прво место со 11 отсто целосна доверба.

Анкетата на ИРИ за Македонија покажа зголемена поддршка за членство во ЕУ, па така, на прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79% од возрасните испитаници одговориле со „да“. Ова претставува раст од шест процентни поени, во однос на анкетата извршена во октомври лани.

„Растот во поддршката за ЕУ интеграција е знак дека западните институции нудат надеж за успешна иднина. Граѓаните на Северна Македонија ја сметаат интеграцијата со демократски блок каков што е ЕУ, како клучна за мир и напредок“, изјави Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа.

Анкетата исто така покажа дека поголемиот број граѓани немаат доверба во владеењето на правото. Само 31% од испитаниците се согласиле дека законот еднакво се применува за сите граѓани на Македонија, најниско ниво досега. Шеесет и пет отсто не се согласиле со оваа изјава.

Анкетата е спроведена во име на Центарот за анкетни истражувања од БРИМА, фирма за истражување на пазарот (членка на групацијата КАНТАР). Податоците се собрани од 8 април до 4 мај 2023, со метод интервјуа лице-в-лице во домовите на испитаниците.