„Разочарани сме кога станува збор за напредокот во судството. Во последните триесет години, сме инвестирале половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење, но не гледаме подобрувања и реформи што би можеле да ги очекуваме со толку голема инвестиција“.
Ова го изјави амбасадорката на САД во Северна Македонија Анџела Агелер во интервју за весникот Капитал.
„Сепак, на крајот на краиштата, системската корупција во целата земја во сите сектори подиректно им наштетува на луѓето во Северна Македонија отколку нам. Сите вие заслужувате општество, судство, влада чии постапки се транспарентни и ви служат вам – на граѓаните. Тоа е камен – темелник на фер и функционална демократија. На тоа треба да се фокусира владата, без разлика на тоа која партија е на власт. Судството мора да биде независна, целосно финансирана и неполитичка гранка на власта. Политичките лидери треба да го сакаат тоа, а вие граѓаните треба да го барате“, вели Агелер во интервјуто.