Во албанското приморско гратче, Химара, денеска се спроведуваат делумни избори за градоначалник, каде граѓаните со право на глас треба да изберат кој од двајцата кандидати ќе биде на чело на општината во следните три години.
Во трката за градоначалник се Вангел Таво, кандидат на владејачката Социјалистичка партија и Петраќ Ѓикурија, од опозициската коалиција „Заедно победуваме“. Таво е познато лице од политиката, додека Ѓикурија е емигрант кој се вратил од САД, и во своето родно место Дримада има свој бизнис.
Иако и двајцата се припадници на грчкото малцинство, на кое му прпаѓаат и поголемиот процент од жителите на оваа општина, Ѓикурија ја има подршката од Партијата за заштита на човековите права, која е дел од опозициската коалиција како и друштвото „Омонија“ и двата субјекта на грчкото малцинство.
Во единствениот избирачки список се запишани 23.074 лица со право на глас, се гласа на 34 избирачки места а според Централната изборна комисија до пладне излезеноста е над 17 отсто. Излезеноста се смета за ниска, поради најавите дека голем број Албански Грци, кои живеат и работат во Грција ќе дојдат да гласаат.
Делумните избори се спроведуваат откако Фреди Белери, не даде заклетва во превидениот рок со изборниот законик. Тој на ланските локални избори, одржани на 14 мај, беше реизбран за градоначалник иако два дена пред изборите, беше уапсен и беше во притвор под обвинение дека понудил 40.000 албански леки (360 евра во тоа време) за да купи осум гласови. Потоа беше осуден со две години затворска казна.
Има двојно државјанство и освои место во Европскиот парламент, претставувајќи ја владејачката конзервативна партија Нова демократија, на изборите за ЕУ, одржани во јуни. Беше ослободен неколку дена за да може да даде заклетва.
На сите судски сеанси ги отфрлаше обвиненијата, официјална Атина го опиша неговото притворање како политички мотивирано и од самиот почеток на случајот односите меѓу двете земји се заладени. Грција ја повика албанската влада да го запре судењето, а потоа бараше да биде целосно ослободен, условувајќи ја со евроинтегративниот пат.