Пратеникот од опозициската Демократска партија, Ервин Салиањи, попладнево сам се пријави во полициска управа во Тирана, откако вчера Апелацискиот суд му ја потврди едногодишната затворска казната под обвинение за „клевета”, што тој ја отфрли и ја смета за „политички прогон на опозицијата“.
Со темни очила, но со насмевка на лицето, тој пристигна пред Полициската управа во Тирана, каде беше дочекан со овации од стотици неговите поддржувачи и граѓани, на кои има даде пораки на охрабрување.
Рече дека битката за вистината ќе ја продолжи и од затворската ќелија, додавајќи дека се надева оти со ова ќе ги инспирира граѓаните.
– Битката не е завршена. Веќе кажав дека ќе се соочам каде било со овој бандитски потфат да ми се одземе слободата. Се надевам дека мојата борба ги инспирира граѓаните. Ние сме подобри од нив, се жртвуваме да ја кажеме вистината, бидејќи таа е бесценета. Не сакав протест пред полициската управа каде што ќе се предадам. Ви благодарам на сите за поддршката, рече тој пред да влезе во полициската зграда поздравувајќи ги со подигнати два прста, симбол на демократите.
Салиањи и неговите сопартијци во мај 2018 година објавија аудио снимка од разговор кој, според нив, се водел меѓу братот на министерот за внатрешни работи, Фатмир Џафај, и поранешен осуденик во Италија за трговија со дрога, за да му помогне на вториот да обезбеди пратка со марихуана.
И пред тоа Демократската партија со денови директно го обвинуваше министерот Џафај, во врска со неговиот брат, уапсен во Италија во 2002 година за учество во криминална организација која се занимавала со трговија со дрога и осуден во 2012 година од италијански суд.