Амбасадорката на САД Анџела Агелер смета дека е добро што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова утре ќе оди во Софија каде, според бугарските медиуми, се очекува да се сретне со претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Агелер во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизија „Сител“ рече дека колку државите соработуваат како соседи, толку поголем ќе биде напредокот за сите граѓани.
– Според мене е одлично што претседателката оди во Бугарија на покана на претседателот Радев. Овие врски во регионот се многу важни, бидејќи сте соседи. Колку се посилни односите меѓу соседите, толку побезбедна, попросперитетна и стабилна може да биде секоја земја, рече Агелер.
Во однос на именувањето на нови членови на Историската комисија со Бугарија, Агелер вели дека историјата е важна, но дека исто толку е важно да се разговара и за иднината.
– Една од работите што ги разговарав и со претходната влада и сега со оваа нова Влада е тоа дека историјата е многу важна, таа не дефинира сите нас. Нашата историја како држави не донесе таму каде што сме денеска. Не само што е важно да се разговара за историјата, знам дека ова е дел од билатералните и меѓународните договори, исто така е важно да се разговара и за иднината. Мојата основна надеж е дека како што зборуваме за споделената историја која Северна Македонија ја има со своите соседи, посебно со Бугарија, исто така зборуваат како ќе одиме напред во однос на транспортот, енергетиката, образовните размени… се надевам дека не гледаат само во историјата, туку дека гледаат и кон иднината, рече Агелер.
Во однос на изборите во САД и каква ќе биде поддршката по изборот на новиот американски претседател, Агелер рече дека без разлика на исходот од изборите, САД ќе останат силен пријател, сојузник и партнер на земјава.
– Нашето пријателство и поддршка нема да се променат. Тоа ќе остане цврсто и може да ве уверувам дека додека сум овде како амбасадор ќе направиме се што можеме да ги поддржиме програмите на кои напорно работевте дури од независноста, рече Агелер.