Со нов начин на субвенционирање Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство ќе ја укинува праксата парите од субвенциите да се трошат за плаќање сметки, купување храна и облека место за унапредување на производството. Додека речиси секоја земјоделска гранка повеќе од една деценија бележи пад, се намалуваат земјоделските површини и сточниот фонд, Министерството за земјоделство ќе бара нов модел за субвенционирање, а земјоделците стравуваат дека ќе ја изгубат и таа поддршка од државата што сега ја добиваат.
„Постојниот модел на субвенционирање има потреби од измени во насока на подобрување на политиките на директните плаќања колку што е можно повеќе со исправање на грешките од изминатиот период и концентрирање на типот на мерките од политиките што продуцираат развој. Намалувањето на земјоделските површини и сточниот фонд се сериозен предизвик со кој треба да се справиме наредниот период. Нашата заложба е да се зголеми производството на земјоделски производи, да се зголеми сточниот фонд, да произведуваме доволно храна. Наместо да сме зависници на увоз на храна, да работиме нашите земјоделски производи да бидат застапени на странските пазари“, велат од кабинетот на министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, за „Макфакс“.
Какви ефекти дало субвенционирањето е дел од анализата на Националната стратегија за земјоделство, но Министерството нe ја споделува оти била интерен документ
Не кажуваат дали веќе имаат конкретен модел по кој би им помагале на земјоделците, а парите би оделе за унапредување на производството. На тоа ќе работат во следниот период, но децидни се дека субвенциите што се наменети за земјоделците треба да се користат во насока на поддршка на производството.
„Во наредниот период нашите планови се да се зголемат средствата во делот на финансирање инвестициски мерки за модернизација и достигнување на европските стандарди кај земјоделските стопанства, преработувачките, инвестиции во наводнување и одводнување, како и поддршка на пазарните форми на здружување (задруги и организации на производители) и за поставување ефикасен систем за знаење и иновации во земјоделството“, објаснуваат од кабинетот на министерот Трипуновски.
Изминативе месеци Министерството направило анализа на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој, која ќе претставува база за натамошно креирање на идните мерки и активности.
„Макфакс“ ја побара анализата во која се наведени и досегашните ефекти од субвенционирањето, но Министерството не ја даде на увид со објаснување дека се работи за интерен документ.
Засега нема рок во кој би се случила промената на моделот на субвенционирање. Од Министерството велат дека тоа не е краткорочен процес и не може да се случи веднаш.
„Трансформација и подобрување на состојбите ќе се почувствуваат во наредниот период“, одгворија од кабинетот на министерот Трипуновски на прашањето кога ќе се менува моделот на субвенционирање.
Земјоделците бараат повисоки субвенции
Од страв дека ќе ја изгубат и онаа субвенција што сега ја добиваат многумина од земјоделците не сакаат јавно да зборуваат. Велат дека и да сакаат со парите што ги добиваат како субвенции не може многу да направат оти не се доволни. Не кријат дека понекогаш плаќаат и сметки со тие пари и кажуваат дека доколку не им е субвенцијата, има месеци во годината кои тешко би ги преживеале без државната помош.
„Јас не издржав, сега веќе ја уривам фармата оти и одржувањето празна фарма е скапо“, вели Зоран Лазаревски, поранешен сопственик на „Зола компани“
Сточар од Кратовско, кој до 2018 година користел субвенции, а сега ја урива фармата оти не може да ја одржува, вели дека решението е едноставно.
„Доволно е да видат како се субвенционира сточарството во соседството, приближно 400 евра е субвенцијата за грло крава во Бугарија, а кај нас е 8.000 денари. Треба сериозно субвенционирање, не само колку да се каже дека државата нешто прави, инаку еден по еден сите ќе се откажат. Јас не издржав, сега веќе ја уривам фармата оти и одржувањето празна фарма е скапо“, вели Зоран Лазаревски, поранешен сопственик на „Зола компани“, компанија чиј национален бренд „бејби биф“ му беше одземен од ДЗИ во време кога со неа директоруваше сегашниот градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски.
10.000 помалку барања за земјоделски субвенции од 2018 година досега
Податоците за субвенционирањето од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го отсликуваат падот на земјоделското производство кај нас. Од 2018 година досега бројот на барања за субвенции се намалил за речиси 10.000. „Макфакс“ ги побара бројките на поднесени барања за земјоделски субвенции од 2007 година наваму откога беа воведени, но Агенцијата ни ги испрати бројките само за последните седум години.
Во 2018 година вкупниот број на баратели на субвенции бил 70.312, а во 2024 година Агенцијата имала вкупно 60.566 баратели.
Некои од пристигнатите барања секоја година се одбиваат.
„Бројот на одбиени барања е од 3 до 6 % од вкупниот број поднесени барања, од кои 1-2 % се целосни, а другиот дел делумно се одбиени само за една или повеќе подмерки“, велат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството.
Причини за одбивање на барањата се утврдена неусогласеност на податоците во барањето со податоците од контролите на самото место или податоците од регистрите и евиденциите што ги водат надлежните органи. Меѓу одбиените што барале субвенција од обработлива површина често имало и такви на кои им била откриена непосеана површина, пријавена друга култура, необработено земјоделско земјиште, неизвршени агротехнички мерки, број на растенија или површина под утврден минимум или погрешно исцртани парцели во системот за идентификација на земјоделските парцели.
Најчестите причини за одбивање на барањата за субвенции кај одгледувачите на животно, пак, се наодите дека делумно или целосно животните не се чувани до утврдениот период за задолжително чување, делумно или целосно животните не се пронајдени на одгледувачницата при вршење на контролите, непријавено намалување во утврден рок, непронајдени податоци во регистарот на животни или непотврдени од страна на овластени ветеринарни друштва.