Развој на човечкиот капитал, поттикнувањето на инвестициите и политиките на одржливост се трите фактори, кои заедно со евроинтегративниот процес и општествен консензус за реформскиот процес ќе придонесат кон забрзување на економскот раст кон потребните стапки од 5%. Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во својата најнова колумна посочува дека со конзистентност на економските развојни политики и преку национален консензус, може да се забрза конвергенцијата на животниот стандард.

Бесими нагласува и дека секој изминат ден надвор од ЕУ е испуштена можност за нас, гледајќи го примерот на поранешни земји во транзиција, кои со членството во ЕУ добиле пристап на околу 30 пати повеќе средства преку ЕУ фондови по глава на жител во однос на ИПА кои ни стојат на располагање на нас пред членството во ЕУ. Тие, исто така, имаат пристап и до единствениот европски пазар и многу други поволности, меѓу другото и предност во однос на странски директни инвестиции како земји членки на ЕУ.

„Годишниот раст во изминатите две декади во просек е околу 2,5% од БДП. Според сценаријата за раст на економијата во наредните дваесет години се проектира просечен годишен реален раст на БДП за 2,6%. Но, овој раст може скоро двојно да го забрзаме до потребните 5%, за побрза конвергенција кон европската економија, преку дејствување кон следните области, кои се дел од Националната развојна стратегија: 1. Одржлива, иновативна и конкурентна економија, 2. Одржлив локален и регионален развој, кој обезбедува кохезија, 3. Демографска ревитализација и социјален и културен развој, 4. Владеење на правото и добро управување, 5. Сигурно, безбедно и отпорно општество, и 6. Зелена и дигитална трансформација“, пишува министерот Бесими.

Министерот истакнува дека најдрагоцениот ресурс кој го имаме и во чиј развој треба да вложуваме е човечкиот капитал. Тој наведува дека според индексот на човечкиот капитал на Светската банка, нашите деца користат само половина од нивниот потенцијал кога ќе ја достигнат работоспособната возраст, односно за 25-30% помалку во однос на децата кои живеат во развиените земји.

„Суштински е да се продолжи со реализација на Стратегијата за развој на човечкиот капитал, бидејќи ова не се краткорочни политики и потребна е повеќегодишна политичка волја, посветеност и конзистентност за да се постигнат соодветни резултати. Со развојот на човечкиот капитал оди и паметната специјализација за креирање и преструктуирање на кадрите кои ќе одговорат на потребите на стопанството, на пазарот на трудот. Задржувањето на кадрите во земјата е уште една алка во синџирот, преку создавање на подобри услови за живот, па дури понатаму и привлекување на стручни кадри од други држави (глобалните номади) или таканаречено привлекување на интелектот („brain gain“)“, вели Бесими и додава дека поддршка на развојниот фактор продуктивност може да се засили преку дигитализацијата.

Како втор фактор на кој треба да се делува, Бесими ги истакнува инвестициите.

„Едно од клучните прашања е како да се позиционираме подобро на мапите на странските инвеститори. Одговорот на ова прашање лежи во политиките за поддршка на инвестициите (транспарентни, со даночни поволности и едноставни процедури), владеење на правото, развој на инфраструктурата, инвестициите во човечкиот капитал и обезбедување на стручни кадри, стабилно политичко окружување, пристап до пазарите и трговски договори, инвестирање во економските зони и глобално поврзување. Еднакво важно е стимулирањето на домашните инвестиции, поттикнувањето на претприемништвото и иновативноста, особено нови технологии кои вообичаено носат многу поголема додадена вредност. Во контекст на развојот на вториот производствен фактор, финансиите, ќе го истакнам Планот за забрзување на растот, кој преку иновативни решенија има за цел да го мултиплицира капиталот, и јавниот и приватниот, и да го стави во функција на развојот“, истакнува Бесими.

Министерот понатаму наведува дека не помалку важен фактор за постигнување на побрз економски раст е одржливоста, како на природното окружување, така и на политиките и истакнува дека водењето на конзистентни и одговорни политики засновани на докази е од суштинско значење за економскиот развој.

Бесими истакнува и дека без национален консензус за долгорочна економска стратегија, која ќе обезбеди конзистентност во реформите и политиките, за жал не би можеле да очекуваме позначаен долгорочен напредок.

„Само заедно и со знаење можеме да одиме побрзо и да стигнеме подалеку. Секако во тој пат има доволно простор за натпревар на идеи и решенија. Со посветеност кон единствена стратегија за долгорочен одржлив раст, промените во следните десет, а понатаму и дваесет години ќе бидат огромни. Зборуваме за побрз раст на животниот стандард (раст на БДП по глава на жител за 70%), позначајно намалување на нивото на сиромаштијата (од 6,1% на 0,4% лица со дневен доход од 2,15 САД долари) и градење попросперитетно модерно европско општество.“, пишува Бесими.

Министерство за финансии