Законот за помилување го оневозможува претседателот да аболицира лица за кои се води кривична постапка, туку може да помилува само правосилно осудени лица. Овој закон се носи за да не се доведе до ситуација како кога поранешниот претседател Ѓорге Иванов аболицираше шеесетина лица за кои беше почната кривична постапка. Сега, со новиот закон се исклучува таа можност за аболиција, што е добро решение оти во минатото ова решение беше критикувано, вели професорката Фросина Ременски во СТУДИО 10 на ТВ 24.

– И теоретската дебата за исклучување на правниот институт аболиција зависи од законодавецот. Од друга страна амнестијата за која се дискутира е прашање на волја на мнозинството во парламентот. Нема закон за амнестија што не е спорен. Ниедна амнестија во целост не е праведна или дискриминирачка. Тоа е дискутабилно од аспект на уживањето на човекови права, вели Ременски.

Ременски вели дека овој закон е ист како оној од 2018 година. Според неа, моментот на донесување на овој закон за амнестија не е добар оти се уште свежи чувствата за измените на Кривичниот законик. Таа вели дека малку беше времето за да може да се уреди законот за да нема револт и во тој контекст беше изјавата на амбасадорката на САД Агелер дека власта треба да ѝ објасни на јавноста за причините поради кои се носи законот.

– СДСМ имала и во минатото несогласувања за закони кои ги носела Владата. Овие несогласувања што ги слушаме од министерот за внатрешни работи се негово право. Мојот став е дека ваква амнестија која е непрецизирана а ќе се допрецизира за поедини случаи со амандмани нема да доведе до резултат оти не се опфаќаат осудените од случајот „27 април“, а за осудените од случајот „Монструм“ ќе се носи дополнителен амандман да не бидат опфатени со амнестијата иако изворниот текст ги опфаќа, вели Ременски.