Претседателот на Владата Христијан Мицкоски ќе ја предводи македонската делегација на Самитот на НАТО што ќе се одржува од 9 до 11 јули во Вашингтон. Според информациите од Владата, делегацијата ќе ја сочинуваат и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. На самитот ќе се одбележи 75-годишнината од основањето на НАТО, а ќе се разговара за сите проблеми и предизвици со кои се соочува Алијансата.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски во петокот на НАТО работниот појадок во пресрет на Самитот во Вашингтон следната недела истакна дека ние сме благодарни што НАТО го препознава Западниот Балкан како регион од стратешка важност за Алијансата.
– Цврсто веруваме дека продолжувањето на блиската координација и заедничките активности на НАТО и ЕУ во регионот се од суштинско значење, првенствено преку забрзување на процесите на европска и евроатлантска интеграција. Ова е од суштинско значење за зацврстувањето на стабилноста и затворањето на вакуумот кој е подобен за дестабилизирачки влијанија од трети страни, истакна Муцунски.
Муцунски, во видео објавено на својот Фејсбук профил, вчера порача дека настанот е одлична прилика да го „демонстрираме единството на сите сојузници и заемни заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка“.
– Денес патуваме за САД, каде делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски ќе учествува на НАТО Самитот во Вашингтон. Во оваа прилика упатувам благодарност до нашите стратешки партнери за организацијата на овој историски самит, на кој Алијансата одбележува 75 години постоење. Настанот е одлична прилика да го демонстрираме единството на сите сојузници и заемни заложби за понатамошно унапредување на трансатлантската соработка. Ние и понатаму продолжуваме да бидеме кредибилен НАТО сојузник, со повеќе од 2% од БДП инвестиции во одбраната како и со поддршката која ја даваме на Украина, порача Муцунски во видео обраќање.
Засега нема информации за билатерални средби на премиерот Мицкоски и членовите на нашата делегација. Запрашан за тоа дали ќе има средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на претстојниот Самит на НАТО, Мицкоски рече дека ако дојде до тоа се надева дека ќе го задржат достоинството и дека ќе разговараат како партнери и како добри соседи.
– Се надевам дека ќе го задржиме достоинството и дека ќе разговараме како партнери и како добри соседи, доколку дојде до таков разговор. Ако не дојде се надевам дека набргу ќе дојде, истакна Мицкоски.
Нашиот став како Влада, потенцира тој, е дека сакаме да имаме добри односи со соседите, дека сакаме да градиме мостови за соработка, дека тоа за нас е двонасочна улица.
– Досега претпоставувам биле навикнати на еднонасочна улица, но сега сме ние политичари и Влада којашто сака да водиме добрососедска двонасочна улица и така ќе продолжиме да се однесуваме, изјави Мицкоски пред неколку дена.
Грчкиот премиер Мицотакис неодамна изјави дека очекува од новиот премиер да го користи уставното име на земјата и за внатрешна и за надворешна употреба и дека прашањетп ќе го отвори и на претстојниот Самит.
Главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон Олтон Бјуланд во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик вчера изјави дека САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и се надеваат дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО. Тој кажа и дека државите од Западен Балкан треба да ги направат потребните реформи за влез во ЕУ, како и дека долгиот процес на интеграција може да доведе Русија и други „малигни актери“ да го искористат незадоволството на народот.
– Членството во ЕУ секако е одлука на Европската Унија и нејзините земји-членки. Сепак, САД отсекогаш биле силен поборник за евроатлантските интеграции на Западен Балкан. Ние продолжуваме да ги охрабруваме земјите да ги направат потребните реформи на тој пат и да се придржуваат до меѓународните договори. Мислам дека кога постои нетрпеливост за тоа што може да биде долг процес на интеграција, тоа може да создаде можности за разочарување, и Русија и другите малигни актери да шират дезинформации и да го искористат незадоволството на народот. Значи, постои ризик дотолку повеќе што би ги охрабриле земјите да направат се` што можат за да продолжат по овој пат на евроатлантските интеграции на регионот, рече главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон.
Бјуланд во интервјуто упатува на Стејт департментот за коментари за конкретни политички прашања.
– За политички проблем како овој и особено билатерален, повторно, би ве упатил на нашите колеги од Стејт департментот на САД, кои ја предводат нашата дипломатија. Од гледна точка на Одделот за одбрана, силно го поддржуваме Договорот од Преспа. И ние силно го поддржуваме членството во НАТО и придонесите на Северна Македонија и Грција, и ќе продолжиме да правиме се` што можеме за да ги зајакнеме тие врски во Алијансата и да продолжиме да го правиме овој најуспешен и најсилен сојуз во историјата на светот, рече Бјуланд.
Главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон Бјуланд вели дека со нетрпение ги очекува лоидерите од земјава да им се придружат на одбележувањето на 75 години од НАТО, следната недела во Вашингтон.
-За Северна Македонија, мислам да продолжи да игра водечка улога во унапредувањето на регионалната стабилност на Западен Балкан. Морам да искажам благодарност на Министерството за одбрана за придонесот на Северна Македонија во мировната мисијата на НАТО-КФОР во Косово, во мисиите на ЕУ во Босна и Херцеговина, која помогна да се промовира стабилноста во таа земја. Го цениме придонесот на Северна Македонија за Украина. Дури и од земја која не е голема, таа безбедносна помош е клучна за да ѝ помогне на Украина да се одбрани од бруталната и неиспровоцирана руска агресија во оваа војна која убива илјадници цивили во Украина. Затоа, со нетрпение очекувам Северна Македонија да се приклучи со другите сојузници на НАТО овде следната недела и повторно да прославиме 75 години од најсилниот, најуспешниот сојуз во историјата на светот, кој работи на зајакнување на нашето колективно одвраќање и одбрана. И ова е толку критичен момент и ова е навистина заложба што нашата земја, нашите граѓани ја презедоа кон Северна Македонија и кон граѓаните на 30 други држави, да застанат едни со други и да се поддржуваат ако има конфликт внатре во НАТО од надворешен извор. И со нетрпение очекуваме да ја унапредиме и подготвиме Алијансата за заканите со кои може да се соочи во иднина, од справување со тероризмот, до предизвиците со климатските промени. И очекувам дека следната недела ќе видиме силни изјави и исклучително моќни и историски одлуки од 32 лидери на сојузници, вклучително и на Северна Македонија за унапредување на сите овие цели, рече Бјуланд.
Главни теми на Самитот на НАТО во Вашингтон ќе бидат обезбедувањето сигурна и стабилна поддршка за Украина, засилувањето на одвраќањето и одбраната, зајакнување на трансатлантската одбранбена индустриска соработка и зголемувањето на одбранбеното производството и зацврстувањето на глобалните партнерства со земјите од индо-пацифичкиот регион.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференција во пресрет на Самитот рече дека поддршката за Украина ќе биде „најитната задача“ на Алијансата и дека очекува шефовите на држави или влади на членките на Алијансата да договорат „значителен пакет“ за Киев.