Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 август–Денот на Армијата на Република Северна Македонија.

Во продолжение интегрално обраќањето на премиерот Ковачевски:

Ми претставува особена чест што денеска сум заедно со вас на одбележувањето на 31 година од формирањето на Армијата на нашата татковина. Вооружените сили носат две важни нишки во нашето постоење, првата е што отворија мирен пат за наша независност и суверенитет, втората што децении беа најголем амбасадор на нашата држава на меѓународен план се до остварување на нашата прва стратешка цел-членството во НАТО.

Вашата работа и професионалност се препознава и цени, затоа денес, стоејќи овде пред вас припадниците и припадничките на македонската Армија сакам да ви се заблагодарам за се што правите за татковината. Да ви се заблагодарам и како Претседател на Владата, но првенствено како граѓанин на Северна Македонија.

Армијата е гордост на нашиот народ, вие сте припадници на моќна и почитувана армија, гарант на мирот и безбедноста на Северна Македонија.

Како членка на НАТО денес Армијата на Северна Македонија придонесува во операциите на мисиите за поддршка на мирот. Ги промовирате заедничките вредности во Алијансата, придонесувате за заедничката надворешна и безбедносна политика, истовремено развивајќи ги капацитетите на нашата Армија.

Владата е посветена на сите ваши активности и даваме поддршка на она што го прави Армијата на Северна Македонија. Владата предводена од СДСМ и коалиционите партнери во изминативе години направи видливи резултати и огромни чекори без разлика дали станува збор за законодавна рамка, стратегија или организациски сегмент во работењето на Армијата.

Големи напори вложивме во враќањето на достоинството на војниците, подобрување на нивниот статус и материјална положба.

Со измените на Законот за служба во Армијата ги зголемивме платите, месечниот надоместок за станарина кој сериозно ги надополнува домашните буџети на припадниците на Армијата како и можноста за отпремнина на професионалните војници по навршување на 45-тата година старост во висина од 20.000 до 25.000 евра.

Вложувањето во одбраната е вложување во безбедноста на граѓаните и националната безбедност. Како премиер, поставив јасна цел нашата Армија да ја направиме уште поефикасна и поквалитетна, да го подигнеме нивото на одбранбена способност и да го подигнеме нејзиниот меѓународен углед. Ги зголемивме средствата за опремување и модернизација на Армијата, издвојувајќи 33% од одбранбениот буџет. Годинава буџетот за одбраната е 1,85% од БДП и е поголем од буџетот за 2022 година за 24,45 проценти. Со ова покажавме дека ги почитуваме обврските и стандардите кои заедно со сојузниците ги дефиниравме на последниот НАТО Самит. Продолжуваме со динамиката на зголемување, а во 2024 година ќе го реализираме она што го презедовме како обврска, издвојувањето за одбраната да изнесува 2% од БДП.

Воедно, на последниот Самит на Алијансата, донесовме и одлука да ги усвоиме новите регионални планови за колективна одбрана и брз одговор на заканите преку копно, вода и воздух. Ова е генерациска трансформација што долгорочно ќе го зајакне НАТО, а со тоа и нашата одбрана и Армијата како таква.

Прашањето за глобална безбедност, безбедноста на европскиот континент е едно од капиталните прашања за денешницата, независно дали станува збор за конвенционални или хибридни закани.

Да се биде припадник на Армијата на Северна Македонија, бара посветеност, знаење и подготвеност. Благодарение на вашата одговорна работа и исполнување на задачите на највисоко професионално ниво, ја стекнавте огромната поддршка и доверба од граѓаните.

Во бројни специфични ситуации како големите пожари, поплави, епидемијата, Армијата беше тука и за цивилното население и за помош на локалните самоуправи. Како држава покажавме дека системот на домашната безбедност е активен и ефикасен и влијанијата на овие кризи беа сведени на минимум.

Нашата Армија даде огромен придонес и во помош за време на природните катастрофи од кои беа погодени нашите партнерски земји, земјотресите во Турција, поплавите во Словенија.

Граѓаните ја гледаат оваа пожртвуваност. Затоа Армијата ужива највисока доверба кај граѓаните.

Силната поврзаност и меѓусебната доверба, почитта кон Армијата на Северна Македонија од граѓаните кои живеат во оваа земја нѐ охрабрува, но ни дава и задача во иднина како Влада да направиме се Армијата да го има сето она што и е потребно за да продолжи силно да се развива.

Државата е пред сè и над сè. За да имаме силна, суверена, безбедна држава за нас и нашите поколенија, мора да останеме цврсти и посветени на вложувањето во секој општествен сегмент во државата, вклучувајќи ја и одбраната. Интеграцијата во европските структури е во врвот на приоритетите. Пред нас е остварување на уште една стратешка цел-членство во Европската Унија. Како премиер, поставив јасни цели и мерки и со одлучноста што ја имаме, а Владата предводена од СДСМ заедно со коалиционите партнери, секогаш ја покажувала, ќе продолжиме да носиме храбри одлуки. Никој нема право да бега од одлуки и обврски за остварување на демократска, социјално праведна и економски силна Северна Македонија.

Да, знам, сите ние сме свесни дека нашата држава има тежок пат, споредено со која било друга членка на Европската Унија или НАТО. Но, безбедниот и квалитетен живот на нацијата, на поединецот во Северна Македонија е нашиот фокус. Нема ништо поважно од тоа ние политичарите да бидеме посветени, да се вложуваме и работиме за доброто на нашите граѓани. Во фокусот да ни биде подобро утре, а не политичките кариери. Денес е денот кога доаѓа крајот на лагата и денес ќе се види кој е за ЕУ, а кој е за блокирање на патот на државата во ЕУ. Додека јас сум премиер, Владата ќе работи на интеграција на државата во ЕУ затоа што граѓаните тоа го заслужуваат.

Со државништво и дипломатски вештини низ годините создадовме соживот, добрососедство, меѓународен имиџ. Денес е време да создадеме европска иднина!