Министерството за образование и наука во соработка со УНИЦЕФ, професори од Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Комората на психолозите на Македонија и Црвениот крст обезбедија зајакната психолошка поддршка за сите ученици во државата, која ќе биде поинтензивна во општините во кои голем број млади во несреќата во Кочани загубија браќа, сестри, другари и соученици, информира денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
„Веднаш по трагичниот настан, беа подготвени и испратени насоки до училиштата, наставниците и до родителите за постапување во следниот период, односно за давање прва психолошка помош и психосоцијална поддршка. Насоките се достапни на сите пет јазици на кои се изведува наставата. Формирана е мрежа на 100 училишни психолози од Скопје, но и од други градови, кои ги насочуваме кон Кочани, Виница, Штип, Чешиново-Облешево и околните места како поддршка на колегите во тамошните училишта, да работат со учениците, со нивните родители, наставниците и воопшто со граѓаните, а постапувајќи по посебен протокол подготвен за кризна интервенција“, рече Јаневска.
Досега 32 психолози ја минаа специјализираната обука, во која се вклучени Комората на психолозите, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ, и веќе обезбедуваат директна поддршка на терен. Преостанатите ќе се вклучат откога ќе ја поминат денешната обука.
На интернет-страницата на Министерството за образование и наука има листа со телефонски контакти на 40 психолози, членови на Комората на психолозите на Македонија, кои се постојано достапни за разговор, односно за психолошко советување. На листата се наоѓаат и наменски телефонски линии за прва психолошка помош на Црвениот крст, кои се во функција 24/7 .
Помош може да се побара и во центрите на Црвениот крст во секое време, како и во Центарот за ментално здравје во Кочани, каде што има претставници на Универзитетска клиника за психијатрија.
Јаневска ги охрабри стручните лица кои сакаат да помогнат во ситуацијата да излезат во пресрет на потребите на учениците, на родителите и на наставниците. Доколку им се потребни попрецизни насоки каде се најпотребни и како да дејствуваат, може да се обратат до Министерството и до Комората на психолозите.
За поддршка на студентите, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е отворен центар за младинско советување.
Министерството за образование и наука во рамките на надлежностите и во следниот период ќе презема и ќе координира активности што може да им бидат од помош на младите во справување со предизвиците, најавија од таму.