Талат Џафери пред пратениците на денешната седница на Собранието, во својот говор нагласи дека нема да се менува зацртанта политика на досегашната Влада, како на внатрешен, така и на надворешен план. Вети одговорна и професионална транспарентна Влада и нагласи дека нема да се дозволи нарушување на изборниот процес.
Тој побара Собранието да ја изгласа техничката Влада, и потврди дека ќе постапува согласно законите и дека ќе биде одговорен на функцијата технички премиер.
-За мене не е важно дали е техничка Влада или за 100 дена, јас оваа одговорност ја сфаќам онака како што сум пристапувал кон секој предизвик кој сум го имал во животот. Сакам да Ве уверам дека нема да дозволам да отстапиме од она што значи функционална и одговорна институција, истакна тој.
Џафери посочува дека Владата до изборите и идната политичка Влада, ќе се фокусира на стратешките приоритети, а ги нагласи реформите во јавната администрација и продолжување на заложбите и преговорите за кластерите од преговарачкиот процес со ЕУ.
Во својот говор во кој зборуваше на македонски и на албански јазик, на крајот, им се заблагодри на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за довербата, како и на претседателот Стево Пендаровски, досегашниот премиер Димитар Ковачевски и на пратениците.
		






















