Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Охрид оствари билатерална средба со својот унгарски колега, министерот за култура и иновации Балаж Ханко, кој е дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата на Унгарија, Виктор Орбан, која е во дводневна посета на нашата земја, соопшти Министерството за култура и туризам.
Министрите Љутков и Ханко потврдиле дека оваа посета и денешната средба се уште еден значаен момент во развојот на билатералните односи меѓу двете земји, особено, како што рекле, за македонско-унгарска соработка во областа на културата и туризмот преку конкретни активности.
-Република Северна Македонија и Унгарија во наредниот период ќе отворат ново поглавје во развојот на културните врски меѓу двете држави и ќе настојуваме тоа да резултира со низа проекти и иницијативи. Ќе работиме на обновување и унапредување на соработката во областа на културата, на програмата меѓу надлежните државни органи, но и на документ за регулирање на соработката во областа на туризмот меѓу институциите од оваа сфера од двете држави, рекол Љутков по средбата.
Министерот информирал дека е заедничка заложбата културното наследство и актуелното творештво на двете држави да бидат повидливи пред јавноста, за што во наредниот период ќе се организираат денови на македонската и на унгарската култура. За таа цел ќе бидат потпишани и меморандуми за соработка, со што ќе се овозможи континуирана промоција и преставување на културните институции во двете држави.
Тој ја поздравил и подготвеноста на министерот Ханко за споделување на унгарските искуства од реализацијата на манифестацијата „Веспрем – европска престолнина на културата за 2023 година“, како и за интензивирање на соработката меѓу двете канцеларии на програмата „Креативна Европа“.
Заклучоците од билатерална средба на министрите Љутков и Ханко биле презентирани и на заедничката седница на владите на Северна Македонија и на Унгарија, предводени од премиерите на двете држави Христијан Мицкоски и Виктор Орбан. Орбан и Мицковски ја поздравија соработката и дадоа силна поддршка за инвестирање во културата која, како што рекоа, е симбол на идентитетот и душата на секоја држава.