Испраќањето инспекција во училиштето во тетовското село Челопек е законско а инспекторите да работат по закон, информира министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа истакна дека покрај во ова училиште, каде што на приредба ученици биле облечени во воена униформа со амблеми на УЧК и со пушки во рацете, министерството има докази и слики со пријави за вакви настани уште во две други училишта во Тетово и во училишта во Чаир и Струга, и дека инспекција ќе има и за тие случаи.

„Просветниот инспекторат е тргнат во училиштето во Челопек. Дополнително, имавме пријави за училиште во Чаир, две училишта во Тетово и училиште во Струга. Во сите тие училишта за кои имаме докази со слики и со пријави дека се случувал таков немил настан, Просветниот инспекторат е на терен и очекуваме кога ќе се вратат да ги дадат првичните информации. За да се изготват записници ќе треба малку подолго време“, кажа Јаневска за медиумите при денешната посета нa Штип.

Политиката според Јаневска треба најмалку да ја има во училиштата.

„Како Влада и јас како министер ќе делувам по закон, затоа е пратен ДПИ. Инспекторите имаат силна одговорност да работат по закон. Како ќе речат дека е по закон, така и ќе постапуваме. Ако тие не постапат по закон, ќе ги повикаме нив на одговорност, но не се сомневам во тоа. Сепак, ги чекаме да дојдат“, порача Јаневска.

Во врска со реакцијата од ДУИ дека се води „антиалбанска политика“ и „двојни стандарди“ во образованието затоа што пред две години во Аеродром деца на приредба биле облечени како комити и „изведувале воени поздрави“, Јаневска рече:

„Ја разбирам политиката на ДУИ и дека грчевито се обидуваат да ја поткренат својата позиција во општеството, но начинот е крајно погрешен. Како политичка партија имаат право на преземање некакви акции, но никако преку децата и училиштата и никако со понижување на државните симболи и со воведување милитаризам во училиштата“.

Дополни дека воспитувачката од градинката од Аеродром, која ја организирала таа приредба, била отпуштена од работа и се уште е на суд.

„Цврсто стојам на ставот дека овој случај, односно сега станаа повеќе, треба да се расчисти. Војската УЧК и нејзините симболи за оваа држава не значат ништо. Во оваа држава, војната, конфликот, кој како сака нека го нарече, предизвика жртви на сите инволвирани страни. Сите мајки исто плачат, сите мајки исто жалат. Наместо да се потрудиме да го заборавиме тој конфликт, каков и да бил и од која причина да бил, и да ги образоваме децата, ние малите деца, тоа се мали деца од видеото што го гледавте, ги учиме на воинственост, на држење оружје, некакви позиции на стрелање, дополнително на нешто што не е поврзано со нашата историја“, порача Јаневска.