Јавен превоз во Скопје денеска имаше до 9 часот. Потоа автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие се повлекоа во базите во Ѓорче Петров и Автокоманда, а вработените се упатија кон Град Скопје во исчекување на одлука од вонредната седница на Советот за исплата на декемвриската плата и за субвенции од 11 милиони евра за претпријатието. Редовно ќе сообраќаат само комбињата за превоз на лица со посебни потреби и автобусите кои вршат организиран превоз за ученици за кои ЈСП има договор со училиштата и општините.
Претседателот на Синдикатот на ЈСП Миќо Стојановски, појасни дека со тоа ќе им се излезе во пресрет на учениците да стигнат до училиштата, со оглед дека почнува второ полугодие и на вработените да стигнат до своите работни места.
Стојановски подвлекува и дека нема да прифатат половични одлуки. Очекуваат да биде донесена одлука за целосниот износ на субенциите за ЈСП од 11 милиони евра, кој треба да овозможи редовна исплата на платите за вработените за 2024 година.