Никола Минчев денеска е избран за претседател на Народното собрание на Бугарија. За него гласаа 158 пратеници, 72 беа против и еден беше воздржан.

Advertisements

„Со изборот на претставници на седум политички формации во парламентот, гласачот од нас очекува тимска работа, а не авторитарни одлуки, ние мора да се усогласиме со неговата волја“, рече Минчев.

Тој побара да им се овозможи да го завршат целиот мандат од четири години во собранието и да наметнат нов модел на креирање политики.

Претседателот на Бугарија Румен Радев, во говорот по конститутивната седница на парламентот, им честита на народните пратеници на кои, како што рече, народот им ја дал довербата, истакнувајќи дека надежите за новиот парламент се огромни. Притоа тој повика на национален консензус за реформи.

„За прв пат по една година формираме трето Народно собрание… Бугарите не погледнаа назад и тоа го покажаа на изборите во ноември.  Време е за национален консензус. Потребен ни е политички консензус на реформските сили, за потребата од реформско владеење. Од тоа зависи да има влада, зависи судбината на политичкиот систем кој не може да толерира нови предвремени избори“, рече Радев.