И оваа година Женска трка во соработка со Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, даде придонес во зголемување на јавната свест за мултипла склероза (МС) преку споделување на едукативни банери на социјалните мрежи, за предизвиците кои го носи МС.
Посебно задоволство ни претставува што оваа година учество зедоа и жени кои боледуваат од мултипла склероза и на тој начин докажаа дека покрај хроничната и макотрпна болест со која се соочуваат секој ден, достоинствено беа рамо до рамо со голем број наши соработници, искусни маратонци, познати и помалку познати лица и дадоа несебична поддршка во зголемувањето на општата свест за МС. На овој начин ги охрабрија сите лица со МС да бидат активни и докажаа дека се повеќе од МС, велат од Национланото здружение за МС.
Александра Радеска боледува од МС и таа заедно со својата ќерка учестуваше на трката.
Целта на трката е да ја подигнеме свеста за нас, да знаете дека постоиме и дека сакаме активно да сме вклучени во секојдневниот живот, да имаме кариери, да сме еднакви со сите вас. Борбата која ја водиме е набавка на современи лекови кои драстично ќе ни ја подобрат состојбата или барем нема да дозволат да прогресира. Како пациент морав да се приклучам на овие прекрасни жени, заедно со мојата ќерка, иако нема да трчам од познати причини, но секако ќе се потрудам да испешачам. Да сме живи и здрави и никако да не се предаваме, рече Радеска.
Софија Зафировска редовно учествува на Женска трка.
Овојпат многу ми е драго што со учеството во трката можам да дадам поддршка во подигнување на свеста за мултипла склерозата, бидејќи работам со колешка која се соочува со предизвиците кои ги носи оваа хронична болест, рече Зафировска.
Повеќе од три илјади жени учестуваа на Женска трка и имаа можност да дадат поддршка на жените со мултипла склероза, со поставување на портокаловата панделка која беше содржана во стартниот пакет.
МС трипати почесто се дијагностицира кај жените отколку кај мажите.
Што е мултипла склероза?
Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.
Во Македонија од МС боледуваат околу 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,8 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 година, и околу три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.
Причината за МС сè уште не е позната и досега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.
МС го прави животот непредвидлив засекого.
Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.
Нашата мисија и причина за постоење е искрената желба за помош и поддршка на лицата со МС и нивните негуватели, во подигнување на свеста кај јавноста и проблематиката по однос на МС, сериозен пристап, навремена дијагностика и навремен и соодветен третман со цел спречување на прогресијата и инвалидитетот, поддршка на пациентите, едукација по однос на правата на лицата со МС и промоција на нови достигнувања во медицината, вели Ана Карајанова Димитрушева, оретседателка на Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.