Додека Советот за безбедност на ОН се подготвува за нова резолуција со која повторно ќе повика на итен прекин на огнот во Газа, во обновените израелски напади врз бегалскиот камп Џабалија, во северниот дел на Газа, загинаа 90 Палестинци.
Во нацртот на новата резолуција за конфликтот меѓу Израел и Хамас, за која денеска треба да се гласа во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБ на ОН), се повикува на „ итен и одржлив прекин на непријателствата што би овозможил безбеден и непречен хуманитарен пристап до Појасот Газа и итно и безусловно ослободување на сите заложници“, пренесуваат израелските медиуми.
Како и во претходната резолуција за барањето за прекин на огнот, на 9 декември, на која пред СБ на ОН вето ставија САД, новиот нацрт-текст експлицитно не го споменува Хамас, туку нејасно ги осудува „сите недискриминирачки напади врз цивили“, наведува „Тајмс оф Израел“.
Текстот на нацртот ја потврдува поддршката за „решението за две држави“ и ја нагласува важноста од обединување на Појасот Газа со Западниот Брег под палестинска администрација.
Нацртот на новата резолуција на Советот за безбедност беше претставен од арапските земји, а според неименувани добро упатени извори во дипломатските кругови, преговорите за новиот текст се во тек.
Генералното собрание на ОН минатата недела со големо мнозинство усвои необврзувачка резолуција со која се бара итен хуманитарен прекин на огнот во Газа и итно, безусловно ослободување на сите заложници.
Во меѓувреме, во израелските напади врз бегалскиот камп Џабалија, во северниот дел на Газа, загинаа 90 Палестинци, соопшти синоќа Министерството за здравство во Газа.
На објавени видеа на Интернет, како што велат оттаму, се гледа последицата од најновиот израелски напад, Палестинците копаат низ урнатините со раце и лопати во потрага по преживеани, јавува Би-Би-Си.
По еден од израелските напади врз овој камп минатиот месец, Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека „има сериозна загриженост дека станува збор за непропорционални напади кои би можеле да претставуваат воени злосторства“.
Од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас, израелските сили неколку пати го нападнаа бегалскиот камп Џабалија.