„Баделки“ славеа убедлива победа против Партизан (58:46) доволно за потврда на позицијата „4“ и место во следниот круг од натпреварувањето.
Девојките во „сино-жолта“ комбинација стигнаа до историски пласман во првата „четворка“ која продолжува во втората фаза од женското регионално натпрварување.
За тоа им требаше уште една победа над белградски Партизан, а „баделки“ вчеравечер го реализираа тоа.
Го најавија планираниот триумф домашните кошаркарки уште во првото полувреме во кое по израмнетата прва четвртина, во втората дојдоа до посакувана разлика, и тоа од десет поени, реализирана преку неколку „контри“ и „полуконтри“. Во голем дел преку Трајчевска, на која одлично и асистираше Кметовска, која и немаше рамноправен противник во рекетот.
„Ниската постава“ на екипата од Белград се обидуваше со брза игра и доста шутеви од далечина да парира во тоа, но без некој голем успех.
На полувремето, Бадел 1862 водеше со сосема солидни (34:24). Но избраничките на тренерот Перо Стамески не се задоволија со тоа водство. Притиснаа уште повеќе по одморот. Во третиот дел од играта му дозволија на противникот да постигне само шест поени Дадоа двојно повеќе 13, и стигнаа до недостижна предност (47:30).
Кметовска финишираше со дабл-дабл ефект од 20.поени и 10. скока, двоен скор имаше и Нена Трајчевска изразен преку 16.поени и 13.скока (плус и четири асистенции), додека двоен број на поени – 15, реализираше и Димова.
Во Суперлигата, која стартува по новата година, кошаркарките на Бадел 1862 ќе играат уште осум натпревари против екипите на Будуќност Бемакс, Орлови, Војводина 021 и Триглав, кои беа најдобри во групата „А“ во која настапуваше нашиот втор претставник – Баскет Кам 2011.