Околу 256.000 деца, млади и ранливи лица биле психички, физички и сексуално злоставувани во државни и верски институции во Нов Зеланд, покажа извештајот за насилството врз децата во таа земја.

Во извештајот, објавен од Кралската истражна комисија, се наведува дека во периодот од 1950 година до 2019 година биле злоупотребени над 256.000 од вкупно 655.000 колку што минале низ државните и верски институции.

Децата, некои на возраст од девет месеци, со години трпеле злоставување, кое вклучувало и силување и третмани со електричен шок. Тие биле злоставувани од вработените во психијатриските и државните институции, свештени лица или згрижувачки родители.

Најчесто станува збор за физичко, емоционално, психолошко, медицинско, воспитно, духовно и културно занемарување на децата и на младите. Дискриминацијата и расизмот од страна на владини претставници биле широко распространети во државните и верските институции.

Во Извештајот се наведува дека злоупотребата го чинела секој поединец околу 857.000 долари, а општеството во целина над 217 милијарди долари. Повеќето од преживеаните биле изложени на насилство и злоупотреба на возраст од пет до 17 години, иако случаи на злоупотреба се јавуваат на возраст од девет месеци до 20 години.