На меѓународната конференцијата што се одржува денеска и утре во рамки на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“, народните правобранители и институции за човекови права од целиот регион ќе споделат искуства и стратегии за заштита на човековите права во услови на загрозување на животната средина.

Целта е зајакнување и проширување на регионалните и глобалните напори за еколошка правда кои почнаа со Љубљанската декларација од 2017 година, со која се формираше Регионална мрежа на правобранители за животна средина и човекови права.

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на отворањето на конференцијата рече: „Како Влада сериозно сме посветени на креирање и имплементација на политики за намалување на притисокот кој човекот го прави врз животната средина, заштита и унапредување на квалитетот на човековата околина, но и заштита на природата и биодиверзитетот. Преку одржливо користење на природните ресурси заради зелена трансформација на економскиот систем работиме и на зголемување на можностите за таканаречените зелени работни места.“

„Промените кои се последица од човечкото дејствување не остануваат неказнето, па затоа природата се почесто почна да го возвраќа ударот. Непобитен е фактот дека се соочуваме со големи последици, кои не се однесуваат само на природата, туку и на здравјето на луѓето“, истакна Народниот правобранител Насер Зибери. Според него, состојбите со животната средина во земјата не одат во прилог на уставната заложба на здрава животна средина утврдена со член 43 од Уставот. Заклучно со октомври оваа година, информираше Зибери, до канцеларијата на народниот правобранител се пристигнати 40 претставки од граѓани поврзани со животната средина.

Армен Григорјан, Постојаниот претставник на УНДП рече дека заштитата на животната средина мора да оди во релација со унапредувањето на правдата владеењето на правото и заштитата на човековите права. „Во тек на политичките преговори што се водат на светско ниво, вклучително и на Климатскиот самит на Обединетите Нации во Азербејџан и оној за биолошка разновидност во Колумбија, постои се поголемо разбирање дека дискусиите не се доволни. Сведоци сме и на еколошките предизвици со кои се соочува македонското општество во моментов. Борбата за спас на нашата планета не е само политичка, туку и правна, заснована на норми, стандарди и принципи за човекови права, и токму во тој контекст мораме да ги поддржиме националните институции за човекови права и народните правобранители да ја исполнат својата улога. Но, добрата вест е дека се поставуваат основите за еколошката правда“, истакна Григорјан.

Конференцијата се одржува во рамки на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“ е финансиран од Норвешкото министерство за надворешни работи, а се спроведува во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје.