Земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала го погоди подрачјето на централна Италија неколку минути по полноќ. Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC) соопшти дека епицентарот на земјотресот бил на 8 километри од градот Мачерата, додека земјотресот се случил на длабочина од 2 километри.

Инаку, во синоќешните земјотреси во Турција и Сирија загинаа најмалку 11 лица, јавија денеска локалните медиуми, додека се чекаат официјалните податоци за бројот на жртвите.

Најмалку шест лица загинаа во Турција, а пет во Сирија и речиси 300 се повредени во двата земјотреси на југоистокот на Турција, пишува денеска турскиот весник „Хуриет“.

Весникот наведува дека се повредени најмалку 294 лица, од кои 18 се во тешка состојба.

Турската управа за итни случаи и природни катастрофи соопшти дека земјотреси со јачина од 6,4 и 5,8 степени според Рихтеровата скала ја погодиле синоќа провинцијата Хатај и биле проследени со најмалку 32 последователни потреси. Потресите се почувствувани и во Сирија, Кипар, Грција, Египет, Израел и Либан.