По посетата на Велика Британија, украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува во Париз, каде што синоќа се сретна со претседателот на Франција, Емануел Макрон, и со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Говорејќи на заедничката прес-конференција со Макрон и Шолц, Зеленски рече дека Франција и Германија имаат потенцијал да бидат „менувачи на играта“ во битката против Русија, обезбедувајќи ѝ на Украина борбени тенкови, модерни борбени авиони и проектили со долг дострел.

„Колку побрзо Украина добие тешко оружје со долг дострел, толку побрзо нашите пилоти ќе добијат авиони, толку побрзо ќе заврши оваа руска агресија и ќе можеме да се вратиме на мирот во Европа“, нагласи украинскиот претседател.

Зеленски верува дека испораката на борбени авиони и ракети со долг дострел е важна онолку колку и испораката на тенковите „леопард 2“ кои неодамна западните земји се обврзаа да ги испорачаат во Украина. Предупреди и дека има многу малку време за обезбедување на оружјето.

Макрон го увери Зеленски оти Украина може да смета на француската поддршка и додаде дека земјата е решена да ѝ помогне Украина да победи во војната и повторно да ги воспостави нејзините легитимни права.

Германскиот канцелар Шолц, пак, нагласи дека ниту позицијата на Германија не е сменета и потенцира дека Русија не смее да победи во оваа војна.