Владата ретерираше и ја поништи одлуката за спојување на концесиите! Ја поздравуваме оваа одлука и ги охрабруваме да ги укинат и двете концесии согласно Законот за минерални суровини, велат од еколшката иницијатива Здрава котлина, откако вчера министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција потврди дека владата го поништила спојувањето на концесиите.

Од Здрава котлина велат дека за првата концесија, „Еуромакс“ имал максимален законски рок од 2012-та до 2016-та за да поднесе валидно барање со сите изрично наведени услови за добивање дозвола.

„’Еуромакс’ не го направи тоа и најважно не поднесе никакво тужбено барање тогаш доколку имала некаков проблем со документите. Напротив, првата тужба ја поднесе во 2019та откако ја изгубија првата концесија. Тоа значи дека судската штоперица за враќање на времето назад со пресудата во 2023та нема да се врати во 2016та, туку во 2019та кога ја иницирала тужбата“, посочуваат од иницијативата.

Од таму сметаат дека толкувањето на Бектеши за некакви нови рокови за доставување нови документи е сосема произволно и незаконски затоа што, велат тие, ова ниту е нова концесија, ниту е законски можно, ниту е последица од судска пресуда.

„Едноставно е апсолутно истечена концесија и не постои никаков правен начин да се врати времето во законскиот рок пред 25 јули 2016. Приказните за некакви попречености и состојби во државата што се случувале пред 25 јули 2016 завршува со фактот што во таква наводна околина на ‘попречување’ Еуромакс доби втора концесија од истата држава и само 10 дена по добивањето на втората концесија побара да биде споена со првата концесија ама и со барање за воспоставување на залог на двете концесии кон Ројал Голд“, забележува Здрава котлина.

За втората концесија, пак, велат тие, „Еуромакс“ никогаш не побарал дозвола за експлоатација, но ниту судски ја обжалил некогаш.

Според Здрава котлина, таа концесија после максималниот законски рок истече во јануари 2020-та и со тоа што „Еуромакс“ нема поднесено никакво барање за дозвола за експлоатација, согласно Законот за минерални суровини, денес Министерството за Економија нема апсолутно никакви пречки да ја одземе.

„Затоа го повикуваме министерот Крешник Бектеши уште утре да ги раскине и двете истечени концесии! Нема никакви пречки и тоа добро го знаат во Еуромакс, во Министерството за Економија, во Владата, но и во други домашни и меѓународни институции. Приказните за арбитража се несериозни и немаат никаква основа затоа што сите аргументи се на страна на државата, а дополнително во позадина се извонредно отежнувачките околности поврзани со шпекулативни дејности преку Кајманските острови. Тука завршуваат сите глупости и тоа лесно се докажува. Оштетно побарување (легална пљачка) од буџетот на државата преку арбитражно спогодување нема да се случи ако Владата не сака арбитража, туку директно на суд. Буквално во сите договори со Еуромакс, решавање е предвидено единствено судска инстанца во Скопје, а со бугарските инвеститори од Кајманските острови има посебен муабет во македонските судови. Кратко и јасно, дечки меѓународна арбитража мало морген! За крај, сите тие што вложија пари во акции, камиони, багери, даваа донации и ветуваа политичко влијание во замена за профит ќе останат со прст во уста. Ве насанкаа политичките профитери и неписмените експерти со купени дипломи. Овој случај е пример за меѓународна високопрофилна корупција по повеќе основи и по сите нив доаѓа шумарот од преку барата во друштво со нашите домашни ловочувари. Рудник нема да има!“, се вели во соопштението на Здрава котлина.

Извор Радио МОФ