Стабилност и просперитет во тековните услови ќе обезбедиме со посветеност, солидарност, соработка и креативност, порача претседателот Стево Пендаровски пред учесниците на 12. издание на Самитот Македонија 2025, на коешто во изминатите два дена над 500 учесници – лидери, бизнисмени, инвеститори,,, споделувааа информации, искуства и знаења и поставуваа основи за соработка и проекти.

Стабилност и просперитет во тековните услови ќе обезбедиме со посветеност, солидарност, соработка и креативност, порача претседателот Стево Пендаровски пред учесниците на 12. издание на Самит

Учесниците имаа можност да се запознаат со економските случувања, можностите и потенцијалите за инвестирање, новите технологии, како и со иновативните и креативни бизнис решенија. Пендаровски изрази уверување дека како резултат на дводневната интензивна агенда во блиска иднина ќе посведочиме на конкретна имплементација на проекти и иницијативи.

Самитот, потенцираше претседателот, пред се, е и извонредна можност за промоција на Република Северна Македонија како бизнис дестинација, отворена за инвестиции и примена на различни продуктивни бизнис модели и идеи.

-Уверен сум дека таа цел беше исполнета, како и интенцијата да се привлечат бизнисмените од дијаспората, се разбира, не само од патриотски и сентиментални причини, туку поради конкретни бизнис можности за инвестирање и остварување на профит, рече Пендаровски, со чие обраќање беше затворен Самитот, а за континуираната поддршка на активностите на Македонија 2025 му беше доделена благодарница.

Посочувајќи дека живееме во динамичен свет кој, како што укажа, за жал, е разнишан од геополитички потреси, безбедносни и економски кризи, здравствени закани, шефот на државата нагласи дека економијата, и на локално и на светско ниво е особено на удар и тоа има сериозни импликации врз нашето здравје и врз нашата благосостојба.

Затоа, порача претседателот, ни треба посветеност, солидарност, соработка и креативност, за да обезбедиме стабилност и просперитет.

Пендаровски потенцираше дека Македонија 2025 како една од најзначајните меѓународни организации формирана од припадниците на македонското иселеништво веќе 16 години посветено и систематски работи на поддршка на македонските граѓани и држава, низ различни форми и содржини.

– Без дилеми, самитот како една од најзначајните активности на Македонија 2025, има особено значење и вредност за нашата бизнис заедница, експертите, но и воопшто за целата држава. И во оваа прилика би сакал да потенцирам дека високо ги почитувам и вреднувам активностите и заложбите на Македонија 2025. Вие сте организација која реално придонесува за блиски и продуктивни врски на Република Северна Македонија со својата дијаспора и ве охрабрувам да продолжите со истиот интензитет и во иднина. Верувам дека ја добивате сета потребна поддршка од македонските државни институции, од локалната бизнис заедница и од целокупната македонска јавност која ги препознава вашите напори. Ефектите од вашата работа не може да се почувствуваат инстантно и да се проценуваат на краток рок, тие се долготрајни и поврзани и зависни од цела редица фактори. Очекувам анализите и евалуацијата на проектите и програмите да исфрлат конкретни показатели за постигнатите резултати и секако проекции за иднината, рече Пендаровски.

Трансформација на компаниите во дигиталната ера, управување со перформансите и повторен развој, градење на флексибилни бизниси, вештачка интелигенција, моќта на комуникацијата, беа дел од темите на вториот ден од Самитот. На самитот преку 40 говорници, водечки во своите области во глобални рамки зборуваа за клучните перспективи во процесот на креирање просперитетни економии. Во таа насока, акцент беше ставен на потенцијалите на дигитализацијата, употребата на вештачката интелигенција и стратешкото лидерство во процесот на трансформација на општествата и поттикнување на развојот.

 

Една од главните цели на Македонија 2025 е креирање партнерства и јакнење на соработката помеѓу македонската дијаспора, од една, и националните институции и бизнис заедница, од друга страна, во насока на креирање на нови потенцијали за поголем економски просперитет на земјава и целиот регион. Во ера на глобализација, соработката и поврзувањето со македонската дијаспора, но и со водечките професионалци кои имаат огромен глобален придонес во својата област е од клучно знаење.

-Во рамките на Самитот Македонија 2025 годинава успеавме да создадеме солидна база за соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор, но и база која ни дава можност да ги осознаеме искуствата и успешните модели кои веќе се имплементирани во други општества и економии, па истите да ги приспособиме и примениме и тука, кај нас, и да помогнеме и нашата земја да стане подобро место за живеење. Во таа насока, работиме и на интензивирање на соработката во регионот, бидејќи одржливиот развој е можен само во поширокиот контекст. Искрено верувам дека имаме можност, само ни треба поголема волја и вложени напори. Да се обидеме сите заедно да придонесеме кон што побрз напредок, бидејќи тоа им го должиме на нашите деца и на идните генерации. Ние ќе продолжиме да работиме во таа насока, а се надевам дека кон оваа наша мисија ќе се приклучат сите што имаат желба да поттикнат промени, истакна Никица Мојсоска Блажевска, извршна директорка на Македонија 2025.

Покрај организација на Самитот, Македонија 2025 досега има имплементирано програми за економски развој со вредност од 3,6 милиони долари, како и 1,7 милиони долари во образование и лидерство. Во овие програми вклучени беа над 670 менаџери, претприемачи и млади таленти.