Во организација на Кајак кану клуб “Арка-Борец” Велес и со техничка поддршка од Македонската Кајакарската федерација, Агенцијата за млади и спорт и Општина Велес денеска и утре на Вардар во Велес се одржува Отвореното Балканско првенство во кајак на диви води.

Како што изјави за МИА Љубомир Спасиќ од ККК „Арка-Борец“, напрвенството учествуваат 160 кајакари од сите категории од 25 клубови од девет држави: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Албанија, Малта и од земјава.

Натпреварувачите се натпреваруваат во две дисциплини спуст на диви води класик на 2,5 километри и спринт на 250 метри. Патеката е на Вардар од Мало Мовче до Стар Мост.

Инаку, по денешните натпревари севкупно води домаќинот ККК „Арка-Борец“ Велес, а  нивниот член кајакарот Александар Златаров на првиот ден од натпреварите освои прво место во сениорска конкуренција до 35 години, а кајакарот Љубомир Спасиќ е прв во категоријата од 35 до 50 години.

Организаторите, воедно, ги поканија сите граѓани љубители на кајак на диви води на натпреварите утре од 9 до 15,30 часот, на водната патека на Вардар од Мало Мовче до Стар Мост.

Свеченото доделување на медалите и пехарите на најдобрите е закажано во 18 часот на Градскиот базен во Велес.

Инаку, Отвореното Балканско првенство во кајак на диви види „Велес 2023“ свечено беше отворено синоќа во Младинскиот амфитеатар во Велес.