Интервјуто на бугарскиот премиер Бојко Борисов за германски „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, според многумина, беше ненадминливо, но шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева направи сериозен исчекор да го надмине, пишува бугарскиот портал frognews.bg.

Авторот на текстот Борис Петков се навраќа на доста цитираниот британски политичар Винстон Черчил, при што нагласува дека е потребно потсетување на некои негови изјави како на пример „дипломат е личност која треба да размисли два пати пред да каже нешто“ или „поразот е една работа, а срамот сосема друга“.

Захариева, пишува авторот, го исполнува значењето на двата израза и затоа постои огромна можност таа да биде меѓу номинираните на frognews.bg за „тиква на годината“.

Забелешките за бугарската министерка за надворешни работи се однесуваат на нејзиното интервју за германски „Ди Велт“ во кое таа вели дека „славењето на смртта на југословенскиот лидер Јосип Броз Тито е како градоначалникот на Берлин да размислува за одбележување на смртта на Адолф Хитлер“.

Авторото на текстот вели: Не знам што слушала или читала Захариева, но таму немало ништо за Тито и Југославија. Инаку, таа ќе знаеше дека Јосип Броз, познат како Тито, беше организатор на југословенскиот герилски отпор од 1941 година до крајот на Втората светска војна во 1945 година.

Под команда на Тито, отпорот се бори со трупите на Хитлер и со локалната четничка прохитлерска армија. Југославија е една од земјите со најголем број жртви за време на Втората светска војна по глава на жител (околу 1,7 милиони луѓе од население од 15 милиони жители), заедно со Полска и Советскиот сојуз.

Тито беше првиот шеф на државата што отворено му се спротивстави на Сталин по неговата победа над нацизмот. Беа направени неколку обиди за атентат врз него, за кои се верува дека се дело на советските тајни служби.

– Секако, неговото управување со земјата може да биде критикувано за многу нешта, но да биде споредуван со Хитлер е смешно. Зарем Захариева, која не успеа да направи ништо значајно во спорот со Македонија, сега сака да го вовлече и Белград во скандалот? – Па, да им кажете на германските медиуми дека градоначалникот на Берлин би организирал прослава на Фирерот е тотален идиотизам, пишува Петков во текстот.

Захариева дефинитивно треба да знае дека работите не се секогаш како што ги замислува. Сепак, Бојко Борисов не владеел отсекогаш, колку и да се сака. Покрај тоа, за судбината на балканските народи и држави честопати, ако не и секогаш, одлучувале големите сили. Затоа Хитлер му го даде на својот сојузник, Кралството Бугарија, Вардарска Македонија и делови од Поморавие според Договорот од Сан Стефано. На овие територии бугарските трупи беа окупатори, во секоја смисла.

Што се однесува до влијанието на Македонците и Белград врз нив, може да се каже само едно: југословенската политика ја исполни својата задача. Ако некој во овој период не сторил нешто како што треба, тоа се бугарските владетели. Истата немоќ денес ни боде очи, а Бугарија го губи влијанието и авторитетот, пишува Петков.

Навредливо и понижувачки е да се објаснуваат такви работи на министер за надворешни работи. Немилосрдното незнаење на Захариева е трауматично. Марк Твен веројатно има право кога ќе рече: „Ако некое лице е глупаво како дете, многу е веројатно дека ќе остане така до крај“.

Бугарските владетели се пред понатамошно развивање на она што тој го рече во теорема, додава „Фрог Њуз“.