Во Тирана се одржа трипартитен состанок на Надзорниот комитет на здружената оперативна група меѓу Албанија, Велика Британија и Косово, против нерегуларна миграција и соработка во борбата против организираниот криминал, јавија албанските медиуми.
На состанокот присуствуваа албанскиот министер за внатрешни работи, Таулант Бала, неговиот косовски колега, Џељаљ Свечла, како и претставници на органите на редот од Косово, Велика Британија и Албанија.
– Албанија и Велика Британија имаат одлични односи и работат заедно секој ден за да постигнат заеднички цели насочени кон унапредување и заштита на безбедноста на нашите граѓани. Тоа најдобро го покажува значителното намалување, надвор од секое предвидување, на бројот на илегални имигранти кои пристигнуваат во Британија од Албанија, но и во нашата заедничка работа за борба против организираниот криминал во сите негови форми, рече Бала.
Според него, размената на информации, во реално време, меѓу полициските структури и блиската соработка со Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК е во прилог на спречување и сузбивање на криминалните активности во Албанија.
– Овозможивме и постигнавме враќање на над четири илјади наши граѓани, кои илегално влегле во Обединетото Кралство. Во соработка со органите на прогонот, за 2023 година, во однос на Велика Британија, извршивме 50 операции за репатријација и вкупно 2.250 албански државјани се депортирани од различни причини, или поради нелегален престој или за кривични дела поврзани со незаконско одгледување наркотици, со одбивање азил, со фалсификување документација, за кражба, а во првите шест месеци од 2024 година имавме 25 репатријациски операции со 1.120 вратени граѓани, рече министерот Бала.
Тој исто така го нагласи значењето од функционирањето на заедничката работна група за миграција, која ја операционализирана соработката во областа на миграцијата и ја зајакнува граничната стабилност, адресирајќи ги рутите кои се користат од организирани криминални групи.