Во писмата се содржат незгодни теми како што се разводот на принцезата Дијана со принцот Чарлс, нејзините проблеми со менталното здравје и конфликтот со медиумите.

Откако собирале прашина во орманот повеќе од две децении, минатата недела на аукција беше продадена збирката писма напишани од британската принцеза Дијана до семејниот пријател Роџер Брамбл.

Писмата датираат помеѓу 1990 и 1997 година, а продадени се за 82.000 фунти (113.000 долари), а купувачот засега не е познат, пренесува „Татлер“. Семејството Брамбл се надева дека писмата ќе ја покажат поинаквата страна на популарната принцеза, особено сега кога серијата „Круна“ на „Нетфликс“ ги истакна проблемите што ги имала со нејзиниот поранешен сопруг, принцот Чарлс и со другите членови на кралското семејство.

– Загрижени сме дека современите прикази на Дијана може да станат прифатена мудрост во свеста на јавноста. Веруваме дека овие писма откриваат дека таа е посветена, култивирана и прекрасна личност и дека нивното понатамошно објавување може да биде корисно за авторката на писмата – рекло семејството.

Писмата, наводно, се однесуваат на незгодните прашања како што се разводот на леди Дијана со принцот Чарлс, нејзините проблеми со менталното здравје и конфликтите со медиумите, пишува „Мери Клер“, оставајќи впечаток дека нивното објавување би можело да биде бомбастичен проблем за кралскиот двор.

Меѓутоа, како што спомнало семејството Брамбл, писмата исто така ја покажуваат полежерната и хумористичната страна на личноста на Дијана.

Во едното писмо од 19 октомври 1995 година, Дијана зборува за кралицата Елизабета Втора, како за „шефица“. Тоа специфично писмо е продадено за 8.700 фунти.

Во друго писмо, таа му се заблагодарила на Брамбл за „добредојденото одвлекување на вниманието“ додека се занимавала со разводот од Чарлс, а едно дополнително писмо ја опишува „грозната недела“ што следувала по објавувањето на биографијата на Ендру Мортон, „Дијана: Нејзината вистинска приказна“.

Мими Конел од компанијата „Дејвид Леј аукшнс“ објаснила дека пристигнуваат куп дарежливи понуди од обете страни на Атланскиот океан.

– Луѓето едноставно ја сакаат Дијана, таа беше исклучително популарна. Читајќи ги овие писма можете многу да научите за неа како личност. Ги гледате нејзиниот карактер, личност и интелигенција – рекла Конел.

Парите собрани на аукцијата ќе бидат поделени меѓу четири добротворни организации со кои Дијана соработувала: Англискиот национален балет, Симфонискиот оркестар на млади музичари, операта „Рара“ и Меѓународната фондација „Бенеш“.