Српскиот претседател Александар Вучиќ, во интервјуто за телевизија Сител, истакна дека европскиот предлог не треба да се отфрлува пред да се размисли добро за националните интереси.

„ Јас нормално не можам да ви кажам дали предлогот е добар или не, тоа нека го одлучат луѓето во Македонија. Јас можам само една работа да кажам, кога го прифаќавме Бриселскиот договор 2013 година, тоа беше многу тежок договор за нас со многу ставки за кои луѓето во Србија не сакаа ни да слушнат ни да ги прифатат. Македонските граѓани, пак ќе кажам тие подобро знаат од мене дали е нешто добро или не за националните интереси на нивната земја. Само ги молам луѓето да размислат, да размислат да не прифаќаат или да не отфрлаат нешто априори“, истакна Вучиќ.

Вучиќ упати порака до граѓаните во нашата земја, со апел за добрососедство и пријателство.

„Јас имам нешто кое што сакам да им го кажам на луѓето. Србија не сака ништо од Северна Македонија. Ние ве доживуваме вас како наши браќа, нас не ни треба територија од Северна Македонија, нас не ни треба јазикот, го признаваме македонскиот јазик. Нас не ни треба црквата, ја признаваме македонската црква. Нас не ни треба ама баш ништо, освен пријателство и добри соседски односи. Тоа е единственото што ни е потребно“, рече Вучиќ.