Натпреварот меѓу Елче и Хетафе што беше закажан за в недела е поместен за еден ден поради снежното невреме што зафати делови на Шпанија, соопшти попладнево раководството на Ла Лига.

Новиот термин за одигрување на натпреварот во рамки од 18. коло во шпанското првенство е понеделник, од 19 часот.

Мечот е поместен за 24 часа со цел екипата на Хетафе да може навреме да стигне во Елче, на југоистокот на Шпанија, каде временските услови засега се поволни. Аеродромот во Мадрид од ноќта меѓу петокот и сабота е затворен и екипата од главниот град ќе треба да мине повеќе од 400 километри со автобус до Елче.

Претходно, поради снежната бура Филомена одложен беше денешниот натпревар меѓу Атлетико Мадрид и Атлетик Билбао. (МИА)