Отпуштените вработени од ЈП „Комунална хигиена“- Скопје ја почнаа битката за враќање на работните места бидејќи тврдат дека биле неправедно отпуштени. Поднесени се претставки до институцијата работодавач како и до Трудовиот инспекторат. И покрај прашањата испратени до Комуналец, од таму не одговорија дали поплаките пристигнале и како ќе постапат.

„Неколку адвокати ни понудија помош, без ниту еден денар, бидејќи знаат за каков предмет се работи бидејќи овде се погодени категорија луѓе кои чистат по 450 тони ѓубре дневно. Бев раководител на смена, со 38 годишно искуство. Од директорката пред неколку месеци бев награден и сега оддеднаш станав најомразена личност. Убаво кажале, кој не вели „амин“ на Косана. Не знам дали ваква репресија и диктатура има во Африка, како што е сега во Комунална хигиена“, вели Ајдин Шерифи, отпуштен, пренесува Алсат.

Од друга страна, Насер Билали рече дека за до пензија му требале уште три години работа. Додава дека единствената причина поради која бил отпуштен заедно со другите колеги е зашто го кренал гласот за повисоки плати.

„Таму работам 39 години, никогаш не сум имал забелешка, поплака и не сум бил повикан за некој проблем што сум го направил во однос на работата. Сега се отпуштаат луѓе кои го чистат градот. Според мене ова е ужас, нема логика, но ова се случува во моментов. Луѓе со по 30-40 години работа се отпуштаат, работници што чистат ѓубре. Имаме неколку барања да седнеме да разговараме, да ги доставиме барањата на вработените кои имаат потреба – бидејќи се на минимална плата“, вели Насер Билали, отпуштен.

27 отпуштени вработени од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ тврдат дека неправедно добиле отказ и покрај решенијата за работа над 30 години, почитувајќи го распоредот и прописите за работа во оваа институција. Како што велат, учеството на протестот е единствената причина за отказ. Градоначалнчката на Скопје и директорката на Комунална хигиена потврдија дека откази добиле учесниците на протестите за покачување на платите, за исплата на К-15 и други услови.