Во Македонија младите до 18 години поминуваат 11 години на училиште, но учат 7,3. Секој четврти млад човек во земјава не е вработен, ниту е вклучен во образование или обука, додека повеќе од половина од нив размислуваат да ја напуштат државата. Податоците се содржани во истражување спроведено од Агенцијата за млади и спорт за потребите на стратегијата за млади.
Меѓу другото,во фокусот на оваа стратегија ќе бидат младинското учество, младинското информирање, младинската работа, образование, култура, здравство, поддршка на претприемништвото и безбедноста, односно првенирање на насилство. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи оваа стратегија ја оценува како сериозен документ, а не само регистер на желбите на младите во земјава.
„Сериозноста на оваа стратегија е важна затоа што во нејзината суштина е емпириска процедура на истражување на младинските трендови, спроведена со 1.200 млади луѓе, застапени се осумте плански региони според кои исто така се дефинираат проблемите и предизвиците за кои стратегијата нуди решенија“, рече Битиќи.
Оваа стратегија е со времетраење од пет години и доаѓа по неуспешното спроведување на двете претходни стратегии. Од Агенцијата за млади и спорт соопштија дека овојпат ќе имаат показател за мерење на имплементацијата во сите нејзини полиња, а надзорот ќе го вршат меѓународни и локални институции. Инаку, според законите во земјава, за млади се сметаат лицата на возраст од 15 до 29 години.