Пишува: Владимир Перев

Пред извесно време овде кај нас, во Македонија, интерес предизвика предлогот на Обединетата македонска дијаспора која до Конгресот на САД поднесе Резолуција за слава на македонскиот јазик и наследството на македонците во американската култура и историја. Како што тоа обично бива, статијата предизвика определен интерес, за потоа по добриот наш македонски обичај, да биде заборавена. Неполн месец потоа еден друг дел од македонската дијапора-бугарскиот дел, поднесе нова Резолуција- Петиција за СТОП на Резолуцијата 741 (онаа на ОМД на Мето Коловски) и за Реституција на Историската вистина…барем така е насловена. Првите потписи веќе се дадени. Прашањето е-што ни се случува?

Одговорот е навидум прост, но по определено размислување, се стигнува до бездната на нашите размисли околу нацијата и етникумот и нивното географско толкување, низ времето и просторот. Згора на сето, не е проблемот само во толкувањето, проблемот е и во толкувањето на етничката и националната определеност на ликови од почетокот на 20-от век, каде се врши една недозволена подмена на идентитетот со територијалната припадност, односно припадноста кон Македонија во своите географски граници.

За почеток да се задржиме на ликот на Стојан Христов (Кономлади, Егејска Македонија 1899 година- Дувр, САД 1995 година), блескавиот претставник на битот на македонецот од овие пространства, богатството на неговите творби, неговата брилијантна кариера на амарикански разузнавач, за крајот на животот да го помине како сенатор на државата Вермонт, САД. Заминува за Америка како младо момче, прави кариера на новинар, писател и разузнавач, за во периодот од 1927-1930 година да престојува во Бугарија каде најмногу се дружи со бугарските интелектуалци Александар Балабанов и Елин Пелин. Прави интервјуа со Иван Михајлов, Цар Борис 3 и со Владо Черноземски. Ја поддржува македонската борба, а по поделбата на Организацијата, припаѓа кон крилото на Иван Михајлов. Создава “Комитет за заштита на македонските права и слободи“. Тој Комитет испраќа специјална делегација која ги посетува Атина и Белград каде што се протестира против насилијата врз бугарите останати на територијата на Грција и Југославија. Станува збор за македонските бугари.

Истовремено ја објавува книгата “Мојата земја-Автобиографија“ во која се определува себе си и своите блиски како бугари.

За време на Втората светска воојна е симпатизер на Тито и партизаните, членува во прокомунистичкиот “Македонски сојуз“ на агентот на Коминтерна Гео Пирински и радикално се македонизира. Во неколку наврати ја посетува Југославија и Македонија, станува еден од блиските луѓе на Лазо Колишевски и негов заштитник пред македоно- бугарската јавност во САД и пред американската администреција, за да овде кај нас се здобие со титули и членства во престижни организации. Сепак, од минатото никој не побегнал. Во своето писмо од 1976 година до Христо Низамов, уредник на михајловистичкиот весник “Македонска Трибуна, пишува дека е “роден како б’лгарин, а јазикот македонски го подразбирал само како “б’лгарски дијалект“. Да се разбереме, Христо Низамов е поранешен уредник на весникот “Кришчан сајенс монитор“, основач на Друштвото на новинарите на Индијана, а неговата биста стои во холот на Здружението во Индијанополис. Прогласен е за еден од стоте најзначајни личности на 20-от век кои не се родени во Америка. По потекло е од Ресен и е прв братучед на писателот и дипломат Симеон Радев. Е, него го нема на листата. Сепак, ставањето на името на Стојан Христов на листата, со предзнакот “македонец“ е наполно оправдано. Самиот тој се има изјаснувано така и самиот тој, лично, дал одобрение во сите негови книги објавени уште пред Втората светска војна, поимите “бугарски, бугарска, бугарско“, да бидат заменети со поимот “македонски“. Тоа негово право и историски факт…не е наше да судиме за моралот.

Во резолуцијата има некои имиња кои ми се познати, поточно речено, лично сум ги запознал. Со Мајк и Мериен Илич бев на Конвенција на МПО во Детроит некаде по 2000-та година. Мајк Илич беше говорител на Конвенцијата на оваа најбугарска организација во Америка, се бореше за правата на македонската држава и нејзиното опстојување, но никогаш не ги одрече своите бугарски корени. Впрочем, тој е дојден на Елис Ајленд како бугарин.

Хирургот Џорџ Даиков од Флорида, по потекло од Егејска Македонија, (мислам Баница Леринска) секогаш важел за македонски бугарин и член на МПО. Да, тој е македонец по територија, како и сите ние, ама беше и си остана етнички бугарин.

За д-р Леон Сперов не треба ни да се говори. Поминавме неколку вечери заедно, беше голем пријател со Георги и Иван Лебамов, тие ме запознаа со него и грев е овој човек, како и сите други, да бидат национално именувани како производ на една територија, која повеќето од нив не ја ни виделе. Меѓу другото, каде се на листата Иван и Георги Лебамов. Нивното семејство е меѓу основачите на Македонската патриотическа организација. Иван Лебамов е градоначалник на Форт Вејн и шеф на Разузнавачката служба на Националната гарда на САД за време на Берлинската криза 1961 година, сместен некаде во централна Франција. Георги Лебамов е сеуште жив и здрав на своите 94 години, бил разузнавач на ЦИА во Австрија, се познавал со генералот Патон, пријател на полковник Донован и сеуште со меморија за својот бугарски етникум. Добро што нив ги нема на списокот, да не им се срами името.

Тука е и Ник Ваноф, познат по холивудското фотостудио “Ванов“. Обележен е во Алманахот на МПО од 1940 година, како македонски бугарин. Тој е сопственик на најелитното студио во Холивуд, каде до денешен ден, филмските звезди сакаат да имаат промотивна фотографија. До пред години го водеше неговата внука Сенди Зејџек.

Ги познавам сите сопственици на брендот Кони Ајлед, најубавиот хот дог во Америка. Тој е на семејството Личин од село Блаца Б’лгарска, Костурско (да нема забуна, има и друга Блаца во Егејска Македонија). Денес сопственикот Крис Личин држи прекрасен ресторан во Форт Вејн, Индијана насловен како “Мистер Кони“. За време на сите мои престои во Форт Вејн, појадокот секогаш беше кај него. Му направив фотографија од неговата семејна куќа во Блаца, целосно напуштена и разрушена, со огромен плац, во самиот центар на селото, на патот кој води кон Черешница и Лерин. Беше и си остана вистински македонски бугарин, горд на себе и своите.

Да поговориме и за некои глупости во Резолуцијата. Во Америка нема 500 илјади македонци, тоа е невозможно, посебно не вакви македонци како што се предлагачите на Резолуцијата. Има луѓе од Македонија кои се декларираат како срби, но најмногу се оние кои се декларираат како грци и бугари. По 1960 г. оние кои емигрираат од Македонија во Америка се декларираат како југословени. Формираат и свои југословенски клубови. Македонците си остануваат грци или во најголем дел бугари. Конечно и за глупоста дека првиот македонец стапнал на американскиот континент во далечната 1492 година, речи си заедно со Колумбо. Неговото име е споменувано како капетан Драган од Охрид и само толку. Ова е стара апокрифна приказна на публицистот Сава Косановиќ, внук од сестра на Никола Тесла. Тој тоа го споменува во некаква своја историја за доселениците во Америка, раскажувајки ја притоа приказната за “охриѓанецот“, кој де факто е некаков венецијанец, морепловец…ако воопшто и постоел таков лик, или сето тоа е имагинацијата на Сава Косановиќ, која преповторувана, станува и училишно четиво во Мексико и на Антилите…тоа е силата на пропагандите!

Не мислам дека американците се некаков многу паметен народ, ама сум сигурен дека во Конгресот, Сенатот и Претставничкиот дом не седат идиоти. Резолуцијата на ОМД нема да мине никако, сепак, се работи за голема манипулација и сериозна подмена на фактите поддржана со полувистини кои навредливо делуваат на луѓето таму.

Ние треба да се запрашаме која е силата која поддржува вакви дејствија на македонистичката емиграција во САД. Дали се работи за штедра финансиска подршка од непознати извори (или сепак, познати) или пак станува збор на бугарската недоветност во работата со сопствената емиграција. Веројатно важат и двете можности. Бугарската држава и дипломатија не можат да си си средат своите редови и да се организираат во работата за зачувување на сопствениот идентитет преку идентитетот на дијаспората. Бугарската дијаспора во Америка е важен фактор во американското поимање на бугарската држава, народ и идентитет. Таа работа до сега е испуштена од рацете на бугарските раководители во последниве педесетина година. Резолуцијата на ОМД и агилноста на на нивните водачи треба да бидат поука и насока за дејствување на бугарската политика во земјите од Западната хемисфера!