За првпат Брисел решава домаќин на самитот ЕУ-Западен Балкан да биде земја од регионот. Во Тирана во вторник на заедничка маса ќе седнат европските државници, заедно со лидерите од шесте земји од Западен Балкан. Според аналитичарот Димитар Николовски од Евротинк, ова е порака за поблиска соработка, бидејќи регионот изминатиов период бил запоставен на агендата. Сепак, како што додава Николовски, ова е пред се порака до граѓаните.

Advertisements

„Тоа е обид на Европската комисија и општо на Брисел да се доближи малку до граѓаните на Западниот Балкан. Имаат идентификувано една дискрапанца помеѓу граѓаните и политичките елити на Западен Балкан и овие во Брисел и сметале тоа да биде поблиску овој пат“,рече Димитар Николовски – Евротинк.

Според Николовски, економските прашања ќе бидат ставени во втор план, а ќе доминира политиката. Тој вели дека приоритет ќе бидат безбедносните прашања, особено одговорот на земјите на Западен Балкан и нивната отпорност на случувањата во Украина.

„Ќе се дискутира и за проблемите со миграцијата, со нелегалната миграција и како можат земјите од Западен Балкан да придонесат кон безбедноста на границите на Европската унија, особено тука ќе се зборува за визните режими“, додаде тој.

Тој не очекува во Тирана да се надградат заклучоците од Солунскиот самит во 2003-тата година кога беше искажана јасна заложба во однос на процесот на проширувањето со земјите од регионот.

Македонската делегација ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а ќе присуствуваат и министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Инаку, во албанскиот главен град течат последните подготовки за одржувањето на Самитот. Амбасадата на САД во Тирана во меѓувреме предупреди граѓаните на САД да бидат внимателни на шести декември, поради затворањето на патиштата, но и најавениот протест на опозицијата предводена од Илир Мета и Сали Бериша./Alsat.mk

Лука Андреев