Празникот ќе биде во понеделник, 8 мај, два дена по церемонијата организирана во Вестминстерската опатија на 6 мај, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.

„Крунисувањето на новиот монарх е посебен момент за нашата земја“, рече премиерот Риши Сунак во соопштението. Премиерот, исто така, вели дека се надева оти луѓето ќе му оддадат почит на кралот Чарлс Трети и ќе учествуваат на локални и национални настани низ целата земја.

Крунисувањето на Елизабета Втора на 2 јуни 1953 година исто така беше неработен ден., како и 19 септември 2022 година кога се одржа погребот на кралицата.

Бакингемската палата најави церемонија која гледа напред, додека ја одржува врската со долгата традиција и раскошот на монархијата.

Според британскиот печат, во согласност со желбата на кралот Чарлс Трети за поштедлива монархија, крунисувањето ќе биде пократко и поштедливо од она на неговата мајка, со оглед на економската криза.

Крунисувањето на Елизабета Втора траеше повеќе од три часа и имаше 8.251 гости во Вестминстерската опатија.