На меѓународниот аеродром во Тирана вечерва пристигна првата пратка од 38.400 вакцини од АстраЗенека, преку Ковакс механизмот.

Премиерот Еди Рама, кој на аеродромот беше заедно министерката за здравство Огерта Манастирлиу и министерот за обнова Арбен Ахметај, најави нова пратка од 60 илјади вакцини и соопшти дека во северниот албански град Кукс ќе бидат вакцинрани здравствените работници од Косово.

-Вакцинацијата за просветните работници започнува утре. Уште 60.000 дози ќе пристигнат во април. Идејата е да се направи интензивна вакцинација. Подготвени сме, од утре, да организираме, заедно со Косово, да им дадеме можност на лекарите и медицинските сестри од ковид болниците, почнувајќи од болницата во Приштина. Ги чекаме братски во Кукс, каде ќе ги примат вакцините, рече Рама.

Додаде дека ова е многу значајно за да „се надмине оваа пречка и Косово да ги добие првите дози на вакцината против ковид “, рече Рама.

Процесот на имунизација против Ковид-19, под мотото „Албанија насмевната“ почна на 11 јануари, со добиените 975 вакцини од, како што тогаш кажа Рама, пријателска земја. Во меѓувреме во Албанија пристигнати се и 22.230 вакцини од компанијата Фајзер од договорените 500 илјади. До денес со имунизацијата се опфатени 23.635 лица, од нив над 4.000 лица постари од 80 години, додека останатите се здравствени работници.  (МИА)