Претседателот на централноамериканската држава Салвадор, Наџиб Букеле (39) преку видео порака на конференцијата за биткоини во Мајами објави дека следната недела ќе предложи закон според кој биткоинот ќе стане законско средство за плаќање во таа земја.

Тој смета дека овој потег може да му помогне на Салвадор да оди напред.

– Следната недела ќе испратам закон до Конгресот за да го официјализира биткоинот како средство за плаќање во Салвадор. Ова за краток временски рок ќе создаде нови работни места и финансиска помош за илјадници луѓе во зоната надвор од официјалната економија , а среднорочно и долгорочно се надеваме дека оваа мала одлука ќе ни помогне да го турнеме човештвото барем малку во вистинската насока, рече Букеле.

Американскиот долар е официјална валута во Салвадор, а една четвртина од населението на земјата живее во САД – само минатата година тие испратиле дома повеќе од шест милијарди долари.