Жителите на Краков, живописната средновековна престолнина на Полска, се разбудија со мирис на кафе, но не од своите филџани, туку од улиците, бидејќи тамошната служба одлучи да ги попрска снежните површини со кафе, наместо со сол.

Одделот за одржување паркови и зеленило појасни дека кафето е корисно за животната средина, а истовремено е и поевтино од солта. Оваа одлука воодушеви многумина од жителите и многу кафулиња се согласија да го фрлаат остатокот кафе на улица, наместо во ѓубре. За таа цел се користи главно – талогот од испиено кафе.

Властите, исто така, се надеваат дека ќе ги охрабрат жителите да купуваат повеќе кафе и да им помогнат на угостителите „во овие тешки времиња на пандемија“ на коронавирусот. На својата интернет-страница, Одделот наведува друга добра причина во корист на кафето: тоа било безопасно за кучињата, наспроти солта која им ги нагризува шепите.(МИА)