Саемот за вино „Винска визија на Отворен Балкан“ ќе биде претставен на најголемиот светски саем за вино Винитали во Верона од 2 до 5 април, пред повеќе од 25.000 купувачи од целиот свет, а на него ќе присуствуваат премиерот Димтар Ковачевски, заедно со албанскиот премеир Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што најави претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС) Марко Чадеж, ПКС ќе организира Отворен Балкан вински штанд на саемот во Верона, на кој ќе бидат претставени повеќе од 200 етикети на најдобрите вина од Србија, Северна Македонија и Албанија.

Вчера премиерот Ковачевски на прес конференцијата во Белград најави дека во функција на унапредување на економиите и зголемување на меѓународниот рејтинг посета на лидерите на трите држави на најголемиот светски саем за вино Винитали.

-Во недела, претедателот Вучиќ и премиерот Еди Рама заедно ќе бидеме присатни во Италија на најголемата светска винска саемска манифестација Винитали на кој ќе имаме штанд Винска визија Отворен Балкан на која ќе се престават најдобрите винарии од нашите три држави и кои што ќе значат зголемување на производството и на извозот на овој значаен производ и за Северна Македонија и за Србија, изјави Ковачевски, додавајќи дека на крајот на третиот квартал и почетокот на четвртиот квартал во Белград повторно ќе се одржи големиот Саем на вино, на кој ќе присуствуваат и македонските винарии.

Претседателот на ПКС денеска им се заблагодари на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и на премиерите на Северна Македонија и на Албанија, кои минатата година ја покренаа иницијативата за организирање на првиот саем на вино „Винска визија на Отворен Балкан“.

Чадеж изрази надеж дека купувачите од саемот во Верона ќе го посетат и Белград, кој ќе биде домаќин на регионалниот саем на вино од 16 до 19 ноември, каде што ќе можат да ги дегустираат најдобрите вина од Србија, Северна Македонија и Албанија.

Годинава на Винитали се очекува рекорден број учесници, посетители, излагачи и купувачи, увозници, дистрибутери и нивните здруженија од Европа, но и од целиот свет – од САД, Централна и Јужна Америка, преку Африка до Азија.

– Наше е да го промовираме овој саем во светот и да отвориме што повеќе работни места. Ќе разговараме со најголемите светски купувачи за да дојдат во Белград и да го направат место каде што се прави добар бизнис за винарите – рече претседателот на ПКС.