Владата бара законски решенија за обука на некомпетентните административци. Министерот за јавна администрација, Горан Минчев објави дека се залага за варијантата некомпетентните административни службеници да бидат преедуцирани, но, како што рече, можните решенија за овој проблем во моментот се предмет на дебата.
„Јас сум повеќе за варијантата некомпетентните административни службеници да бидат преедуцирани. Постојат и други решенија, но можеби е интересно дел од јавната администрација да се намалува по природен пат, врз основа на пензионирање, заминување од јавната администрација. Секако тоа е предмет на дебата“, одговори Минчев, прашан од новинарите дали некомпетентната администрација значи намалување на бројот на административци.
Министерот говореше за трите законски решенија кои беа на јавна дебата во изминатите три месеци, издвојувајќи го како нов предлог е формирањето на академија за едукација и обука на јавната администрација.
„Со формирањето на академијата за обука на административците, би значело дека лоцираните проблеми во секоја институција, министерство, каде велиме дека има недостаток на квалитет и на знаење, би оделе на варијаната на преедукација на истите, односно на распоредување на работни места со цел да ги исполнуваат своите работни задачи врз основа на својот афинитет, образивание и квалитет“, изјави Минчев.
Минчев одговарајќи на прашањата на новинарите изјави и дека претходниот извештај на ЕУ нотирал злоупотреби на балансерот кој е укинат од Уставниот суд, па сега со законот за правична застапеност на етничките заедници, не смее да се брза. Најважно е, вели министерот, со новото законско решение да нема злоупотреби.
„Потребно ни е внимателно, уставно решение со препорака од Венецијанската комисија. Исклучиво експерти работат на оваа област“, додаде Минчев, кој засега не можеше да каже во која фаза е процесот.
Прашан како во моментов се одвиваат огласите за административни службеници, Минчев вели дека подготвиле насоки до институциите, а можностите за јавни конкурси продолжуваат понатаму.
„Ние кажавме дека оние огласи кои беа почнати со балансерот ќе продолжат и оние кои се без балансер истотака продолжуваат. Додека нема законско решение, огласите продолжуваат врз база на знаење“, дециден е Минчев.
Тој заклучи дека репер е знаењето и така треба и да биде.