Фудбалерите на Јувентус дојдоа до втората победа по ред во Серија А откако во 20. коло ја совладаа Сампдорија во Џенова со 0:2.

Стрелец на првиот гол беше Федерико Киеза кој во 20. минута го искористи центаршутот на Мората и лесно од петероц ја испрати топката во мрежата на Сампдорија.

Конечниот резултат го постави Арон Рамзи кој во првата минута од судиското продолжение ја искористи асистенцијата на Квадрадо и ја затресе мрежата.
Со оваа победа Јувентус се искачи на третото место на табелата со 39 бода, два помалку од второпласираниот Интер и седум од лидерот Милан, од кого има и натпревар помалку.

„Росонерите“ се намачија за да дојдат до победата од 1:2 на гостувањето во Болоња. Милан дојде во водство во 26. минута откако по промашениот пенал на Златан Ибрахимовиќ, на одбиената топка налета Анте Ребиќ и без проблеми ја смести во голот на Болоња.
На почетокот од второто полувреме, Френк Кеси од пенал зголеми на 0:2 и со тоа го реши прашањето околу победникот. Домашниот тим единствено што успеа да направи е да го ублажи поразот со голот на Андреа Поли во 81. минута.