Полските научници во четвртокот објавија дека ја откриле првата бремена египетска мумија во светот додека скенирале посмртни остатоци стари 2.000 години, кои се чуваат во Националниот музеј во Варшава.

– Мојот сопруг Станислав, египетски археолог, и јас ги погледнавме рендгенските снимки и забележавме во стомакот позната глетка за нас, родители на три деца – мало стапало! – им рекла на новинарите Марзена Озарек-Шилке, антрополог и археолог на Универзитетот во Варшава.

Подеталната анализа го покажала целиот фетус. Научниците кои работат на Проектот за мумија во Варшава веруваат дека жената била на возраст помеѓу 20 и 30 години и била бремена од 26. до 30. недела.

– Не знаеме зошто фетусот не бил изваден од починатата за време на мумифицирањето. Затоа оваа мумија е навистина уникатна. Не можевме да пронајдеме ниту еден сличен случај. Тоа значи дека „нашата“ мумија е единствена во светот за која е утврдено дека е со фетус – рекол Војчек Ејсмонд соработник на проектот од Полската академија на науките.

Озарек-Шилке претпоставува дека можеби се работело за обид за камуфлирање на бременоста или дека имало некое значење поврзано со верувања и преродба во друг свет.

Врз основа на анализата на хиероглифите на саркофагот, за мумијата првично се сметало дека е свештеник кој живеел помеѓу првиот век пред новата ера и првиот век од новата ера.

Научниците сега веруваат дека можеби била постара и ги истражуваат можните причини за смртта.

Мумијата не била отворена, но едно скенирање покажало дека жената имала долга кадрава коса до рамената.

Истражувањето е објавено во најновиот број на „Списание на археолошка наука“.

Ова е првиот познат случај на балсамирано тело на трудница… Се отворааат нови можности за истражување на бременоста во древните времиња и практики поврзани со мајчинството“, се вели во написот.

Мумијата била донесена во Полска во 19 век и станала дел од збирката антиквитети на Универзитетот во Варшава.

Се чува во Националниот музеј од 1917 година.